27 септември 2023, Охрид – Развојот на пазарот на капитал е клучен за поддршка на развојот на економијата. Затоа е важно да ја развиеме Берзата, да понудиме новитети и иницијативи. Во таа насока, Министерството за финансии оваа година воведе нови инструменти. Во текот на летото беше издадена првата емисија на граѓанската обврзница, а од денеска на пазарот на капитал се воведува уште еден нов инструмент, зелена обврзница. Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во своето обраќање на отворањето на Годишната конференција на Македонската берза, којашто се одржува во Охрид.
„Оваа година воведовме нови инструменти на пазарот на хартии од вредност. Еден од нив е граѓанската обврзница, којашто имаше успешна реализација, а во кој процес се вклучија голем број граѓани. Во октомври 2023 година ќе следи уште една нова емисија на граѓанска обврзница. Тоа беше процес во кој добивме поддршка и од банките, а којшто е во интерес на развојот на пазарот на хартии од вредност. Денеска имаме добра вест. Првпат ќе издадеме зелена обврзница од 10 милиони евра. Станува збор за двегодишна обврзница со камата од 4,75%, којашто ќе биде наменета за правните субјекти и за граѓаните. Меѓутоа сметам дека граѓаните ќе најдат поголем интерес за граѓанската обврзница којашто ќе има 5% каматна стапка“, рече министерот Бесими.
Тој додаде дека покрај овие два инструмента, на Берзата редовно се тргува со обврзниците за денационализација, а наскоро дел од тргувањето на Берзата ќе бидат и структурните обврзници.
Според министерот, важно е да се нудат креативни решенија и нови инструменти на пазарот, коишто ќе овозможат полесен пристап до финансиски средства за малите и средните претпријатија, како и за новите идеи.
Посака успешна работа на Конференцијата и потенцира дека конференциите се настани кои служат да се претстават нови идеи, да се дадат нови иницијативи и да се разменат искуства што, пак, ќе придонесе за поефикасни институции.