29 септември 2023, Скопје – Министерството за финансии денеска ги издаде првите структурни обврзници наменети за општините Желино, Тетово и Виница, а со кои се обезбедуваат средства со што на општините им се овозможува да ги намират досепаните обврски и да ги зајакнат своите финансиски капацитети. Издавањето на структурните обврзници е дел од предвидената реформа за унапредување на фискалната децентрализација и дел од пошироката реформа во управувањето со јавните финансии.
Структурните обврзници се хартии од вредност коишто Министерството за финансии им ги издава на општините со што им се дава поддршка да ги подмират досепаните а неплатени обврски кон доверителите. Се издаваат на 10 години и со нив им се овозможува да ги репрограмираат обврските, но и да ги консолидираат своите буџети и да можат да се фокусираат на својот развој. Износот за издадените обврзници ќе го враќаат во 10-годишни еднакви рати. Од друга страна, структурните обврзници што ќе им бидат издадени на доверители, тие ќе може да ги користат за подмирување обврски кон Управата за јавни приходи. Исто така, со нив ќе може да се тргува на секундарниот пазар на Берзата.
„Ова е значајна поддршка за општините, којашто е дел од реформата насочена кон обезбедување повеќе средства за локалните власти преку зголемените приходи на општините од наплатените даноци од страна на централната власт, но исто така е и во насока на зголемување на отчетноста и транспарентноста. Сето тоа е во насока на нивна финансиска стабилност и обезбедување квалитетни услуги, бидејќи тие се надлежни за области како што се образование, социјална заштита, животна средина, комунални услуги и слично“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими, кој додаде дека целата реформа ги засилува локалните самоуправи и истовремено ги обврзува на поголема фискална дисциплина, отчетност и транспарентно работење.
Покрај структурната обврзница, којашто е предвидена со измените на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, на општините им стојат на располагање и други инструменти, како што се условениот кредит исто така од Министерството за финансии и општинската обврзница за познат купувач – Министерството за финансии, а сѐ со цел зајакнување на нивната финансиска стабилност.
Структурните обврзници за кои Министерството за финансии денеска го објави проспектот се во вкупен износ од 275 милиони денари, од кои од 250,2 милиона денари за Тетово, 21,7 милиони денари за Желино и 2,5 милиони денари за Виница.
Општините, согласно Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, имаа можност да искористат структурна обврзница за обврските доспеани заклучно со 30 септември 2021 година.
Дополнително, покрај со овие инструменти општините се поддржани и преку зголемување на трансферите од централниот буџет кон општините по основ на данок на личен доход од 3% на 6% и по основ на ДДВ од 4,5% на 6%.