3 октомври 2023, Скопје – Собранието на РС Македонија денеска ги усвои измените и дополнувањата на Законот за Развојната банка на РС Македонија, предложени од Министерството за финансии, со што се овозможи воспоставување Фонд за енергетска ефикасност преку кој директно ќе се финансираат инвестиции за енергетска ефикасност. Имено, и средствата од денес издадените зелени обврзници во износ од 10 милиони евра ќе бидат насочени во овој Фонд за поддршка на зелени проекти.
Фондот за енергетска ефикасност ќе функционира како посебна организациска единица во Развојната банка, а неговото основање ќе придонесе за економска и финансиска одржливост на долг рок. Преку проектите финансирани од Фондот ќе се овозможи заштеда на енергија, зачувување на природните ресурси и намалување на загадувањето на животната средина.
Воспоставувањето на Фондот за енергетска ефикасност е во насока на градење ефикасна и ефективна структура којашто ќе придонесе за исполнување на веќе утврдените цели на Република Северна Македонија за декарбонизација, вклучени во Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година, а во која се земени предвид трендовите на енергетската политика на глобално ниво, со цел поддршка на развојот преку директно финансирање инвестиции за енергетска ефикасност.
Со Фондот ќе се овозможи одобрување кредити, издавање гаранции и одобрување грантови на правните и физичките лица во земјава. Почетниот капитал на Фондот за енергетска ефикасност изнесува 5 милиони евра, обезбеден е од Светската банка преку Проектот за енергетска ефикасност, а сега се надополнува и со средствата обезбедени преку издавањето на зелената обврзница, поточно 10 милиони евра. Фондот во иднина ќе се надополнува и од други извори за зелени инвестиции.
Формирањето на Фондот претставува усогласување со директивите на ЕУ за енергетска ефикасност, а со цел ваквиот национален фонд да даде поддршка на националните иницијативи за енергетска ефикасност.
Собранието денеска ги усвои и измените и дополнувањата на Законот за акцизи коишто произлегуваат од Директивите на ЕУ и претставуваат усогласување на акцизната стапка кај цигарите со минималната акцизна стапка во ЕУ.