6 октомври 2023, Скопје – Основните прехранбени производи, коишто се дел од секојдневната употреба на граѓаните, и понатаму ќе се оданочуваат по најниска стапка на ДДВ, односно нема промена и таа останува 5% како што е предвидено со Законот за данокот на додадена вредност и поблиску дефинирано со Одлуката за определување на добрата и услугите што подлежат на повластена стапка на ДДВ, којашто Владата ја донесе на 28 септември, а стапува на сила од денеска. Донесените одлуки нема да влијаат врз пораст на крајната цена на основните прехранбени производи.
Листата останува долга и таа претставува најширока листа во однос на земјите од регионот и земјите од ЕУ, а целта на донесувањето на Одлуката за примена на повластена стапка од 5% кај одредени производи е со цел заштита на стандардот на граѓаните, заштита на здравјето на граѓаните, како и оданочување со праведна даночна стапка на производите коишто не претставуваат основна човечка исхрана.
Одлуката содржи над 1600 производи, кои со новата Одлука и понатаму ќе се оданочуваат со најниската даночна стапка од 5%. Тука спаѓаат месо – говедско и свинско, кланични производи во саламура, чадено и сушено, риба – пастрмка, крап, други слатководни риби, ослич, млеко, павлака, кисело млеко, јогурт, кефир, сирење, повеќето видови кашкавал, путер, јајца, природен мед, желудници, зеленчук и овошје, урми, смокви, агруми (портокали, лимон, мандарини, грејпфрут), брашно од пченица и брашно од жита, пченица, јачмен, ‘рж, ориз, пченка, соја, кикиритки, сончогледово масло, маслиново масло, пченкарно масло, маргарин, колбаси и други конзервирани производи од месо, конзервирани риби – туна, сардина, сардинели, папалини, шеќер, какао во прав, тестенини, леб, бисквити, ајвар, конзервирани кратставици и корнишони, кисела зелка, конзервирани печурки, слатки пиперки, џемови и слатка, кечап и други сосови од домати, супи, оцет, сол, ореви, костени…
На листата, меѓу другото, се и семенски материјал, ѓубрива, земјоделски алати и механизација, дополнета е и со менструални производи, а даночната стапка од 5% останува и на прометот на пелетите за греење.
Оттаму, на листата производи што ќе се оданочуваат со повластена стапка од 10% се наоѓаат оние кои не претставуваат производи за основна исхрана, односно имаат карактеристика на производи што не се дел од секојдневната трпеза, а дел од производите не се препорачуваат за човековото здравје.
На оваа листа се наоѓаат различни производи од лосос, козјо месо, посебни ретки видови туна, коишто не се во општа употреба, бадеми, индиски ореви, бразилски ореви, тропско овошје, некои видови зачини, палмино масло, кавијар, посебен вид кашкавали, кои не претставуваат традиционален производ и се од растително потекло и слично. Исто така, поместувањето на некои од производите на оваа листа е со цел заштита на домашното производство и заштита на економијата.
Направените измени се дел од пошироката даночна реформа, која претставува усогласување со европската легислатива, согласно препораките од ЕУ и Меѓунродниот монетарен фонд и таа се презема со цел поголема правичност, праведност и заштита на стандардот на граѓаните. Предложената листа во рамки на инклузивниот процес што се водеше за воспоставување на новиот даночен концепт беше споделена со сите засегнати страни и подолг период беше претставена на јавноста преку веб-страницата на Министерството за финансии.
Примената на овие две одлуки не влијае врз донесената одлука на Владата за замрзнување на цените на основните производи, затоа што производите опфатени со владината одлука се дел од листата со повластена даночна стапка од 5% и кај нив нема промена.
Република Северна Македонија останува со најниски даночни стапки на ДДВ (редовни и повластени) и целата човечка исхрана ќе продолжи да се оданочува со повластена стапка на ДДВ, а најголем дел од неа, односно основните човечки производи и понатаму ќе се оданочуваат со пониска повластена стапка од 5%.