21 октомври 2023, Скопје – Министерството за финансии ја издаде втората емисија на граѓански обврзници со 5% годишна камата и граѓаните веќе можат да инвестираат преку поднесување барање за учество на аукцијата. Ова го најави министерот за финансии Фатмир Бесими во гостување во „Тема на денот“ на ТВ Сител.
„Граѓанската обврзница е инструмент кој на граѓаните им дава можност да ја зачуваат вредноста на нивните пари, особено во услови на висока инфлација, и таа е дел од политиките на Владата што ги презема за справување со ценовната криза. Интересот на граѓаните за овој инструмент е навистина голем. Во првата емисија беше објавен проспект на 10 милиони евра, а беше запишан износ од 23 милиони евра од страна на 1300 граѓани. Граѓаните сега покажуваат поголем интерес бидејќи веќе се запознаени со бенефитите што ги нуди овој финансиски инструмент. Дополнително тоа влијаеше и врз зголемување на каматите на депозитите во банките, а позитивно влијание има и врз стопанството“, рече министерот Бесими.
Проспектот за втората емисија на граѓански обврзници е објавен на 18 октомври и граѓаните имаат можност преку деловните банки да поднесат барање за учество во аукцијата која ќе се одржи на 7 ноември.