24 октомври 2023, Скопје – Општините Тетово, Виница и Желино се трите локални самоуправи кои на нивно барање а со поддршка од централната власт ќе ги намируваат доспеаните обврски и со тоа ќе ги зајакнат своите финансиски капацитети. Денеска министерот за финансии Фатмир Бесими и градоначалниците Билал Касами, Миле Петков и Блерим Сејдиу ги потпишаа договорите за користење на структурните обврзници издадени од Министерството за финансии за овие три општини.
Структурните обврзници се нов финансиски инструмент воведен со Законот за финансирање на единиците на локалните самоуправи, којшто општините можат да го користат за подмирување на доспеаните а неплатени обврски. Се издаваат на 10 години и со нив се овозможува репрограмирање на обврските, консолидирање на сопствените буџети, но и можност да се фокусираат на својот развој. Износот за издадените обврзници ќе го враќаат во 10-годишни еднакви рати.
„Ова се први структурни обврзници што ги издаде Министерството за финансии, согласно новиот реформски Закон за финансирање на единиците на локалната самоуправа, со кои се обезбедуваат повеќе средства за локалните власти, а со цел нивна финансиска стабилност и испорачување квалитетни услуги. Општините Тетово, Виница и Желино се локалните самоуправи кои ја искористија оваа еднократна можност од Законот и поднесоа барање во законски утврдениот рок за издавање структурна обврзница и со тоа да обезбедат средства за исплата на обврските и да се посветат на својот развој“, рече министерот Бесими.
Министерството за финансии издаде структурни обврзници во вкупен износ од 275 милиони денари, од кои од 250,2 милиона денари за Тетово, 21,7 милиони денари за Желино и 2,5 милиони денари за Виница. Со потпишување на договорите, општините ќе можат издадените обврзници да ги користат за исплата на обврските кон доверителите, кои, пак, со издадените обврзници ќе можат да подмируваат обврски кон Управата за јавни приходи или со нив да тргуваат на секундарниот пазар на Берзата.
Издавањето на структурните обврзници е дел од предвидената реформа за унапредување на фискалната децентрализација и од пошироката реформа во управувањето со јавните финансии.
Тие се еден од инструментите што им стојат на располагање на општините. Поточно, за зајакнување на нивната финансиска стабилност општините можат да користат и условен кредит, како и општинска обврзница за познат купувач исто така од Министерството за финансии. Дополнително, со измените на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа се обезбедија повеќе средства преку зголемување на трансферите од централниот буџет кон општините по основ на данок на личен доход од 3% на 6% и по основ на ДДВ од 4,5% на 6%.