26 октомври 2023, Скопје – Процесот на издавање на втората емисија на граѓански обврзници е во тек. Граѓаните можат да инвестираат во граѓанската обврзница на едноставен и лесно достапен начин преку шалтерите на деловните банки во целата земја со поднесување барање за учество на аукцијата и уплата на средства во износ за кој сакаат да купат обврзници.
Можноста на граѓаните да поднесат барање во деловните банки согласно објавениот Проспект е до 6 ноември, а аукцијата ќе се одржи на 7 ноември, по што следува постапката на запишување на обврзниците на име на имателите во Централниот депозитар за хартии од вредност.
За граѓаните ова е инвестиција во безризичен и сигурен инструмент што го издава државата, а притоа нуди повеќе придобивки за имателите на обврзниците. Меѓу другото, покрај тоа што нивната инвестиција е сигурна и без ризик, таа носи и атрактивен принос којшто изнесува 10% на вложената сума за двете години на кои е издадена граѓанската обврзница. Поточно, за вложени 100.000 денари, граѓанската обврзница носи принос од 10.000 денари.
Граѓаните можат да вложат минимално 10.000 денари. Приносот од каматата за првата година во износ од 5% ќе биде исплатен на 14 ноември 2024 година, а за втората година, кога ќе биде исплатена и вложената сума, на 14 ноември 2025 година.
Министерството за финансии ја воведе на пазарот граѓанската обврзница како нов иновативен производ за кој граѓаните на првата аукција пројавија голем интерес. Тогаш беа запишани 2,5 пати повеќе средства од износот на кој беше објавен Проспектот, односно 1.448.030.000 денари.