Вести|

Владата на Република Северна Македонија денеска на редовната седница, на предлог на Министерството за финансии, го усвои Предлог-буџетот за 2024 година. Цели на Буџетот за следната година се да обезбеди забрзување на економскиот раст, да осигура фискална одржливост и да овозможи редовна исплата на сите обврски, вклучително и повисоки плати, пензии, социјални права, поддршка на претпријатијата и земјоделците , како и на граѓаните. Предлог-буџетот, кој Владата ќе го достави до Собранието, на конференција за печат, на јавноста ѝ го претставија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими.

„Буџетот за 2024 година ќе биде столб на економското заздравување, а понатаму и на забрзување на растот. Тој ќе обезбеди фискална одржливост преку понатамошно спроведување на процесот на фискална консолидација. Буџетот ќе биде добра основа за зголемена и забрзана реализација на инфраструктурните проекти, привлекување странски инвестиции, иновативност на домашните компании, поддршка на домашната економија, приватниот сектор и граѓаните, како и за интензивирање на конвергенцијата на Република Северна Македонија кон ЕУ. Исто така, тој ќе овозможи редовно и непречено извршување на сите законски обврски, вклучително и на обврските што произлегуваат од членството во НАТО и непречено спроведување на изборните активности“, истакна премиерот Ковачевски.

Тој додаде дека Буџетот трета година по ред се планира во услови на изразена неизвесност, надворешни ризици и неповолни трендови во глобалната економија и дека Предлог-буџетот за 2024 година е одговор на потребите и состојбата во која се наоѓа македонската економија. Во 2024 година се очекува раст на економијата од 3,4% во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка, како и стабилизирање на стапката на инфлација на ниво од 3,6%.

Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарда денари (31,6% од БДП) односно за 10% повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари (35% од БДП) или за 5,8% повисоко во однос на 2023 година. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит на ниво од 3,4% од планираниот БДП или во апсолутен износ од 33,5 милијарди денари. Планираниот дефицит е во согласност со определбата за фискална консолидација, придружена со натамошна буџетска дисциплина и обезбеден фискален простор за поддршка на домашната економија и граѓаните и за реализација на инфраструктурните проекти.

Министерот за финансии Бесими нагласи дека вака структуриран Буџет, со едновремено намалување на расходната страна и подобрување на наплатата на давачките на приходната страна, ја одразува заложбата на Владата за фискална консолидација, односно намалување на дефицитот.

„Предлог-буџетот ги има сите карактеристики едновремено да го поддржи развојот, но и да обезбеди фискална одржливост, што е од големо значење за економија во развој како нашата. Развој и одржливост – тоа се двата клучни збора коишто го опишуваат Буџетот за 2024 година. Тој е развоен заради продолжувањето на инвестициите во инфраструктурата, односно најголемиот инфраструктурен циклус во историјата на нашата држава. Буџетот е одржлив, бидејќи и покрај силната инфраструктурна компонента и надворешните предизвици, продолжуваме со фискалната консолидација, односно продолжуваме да го намалуваме буџетскиот дефицит на 3,4% (скоро една третина во однос на оваа година кога изнесува 4,8%)“, потенцира Бесими.
Тој додаде дека за реализација на планираниот инвестициски циклус во Буџетот, преку капитални расходи се планирани 45,1 милијарда денари за инвестиции во веќе започнатите инфраструктурни проекти, како патна и железничка, енергетска и комунална инфраструктура, во здравството, образованието, социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштита на животната средина и правосудството.
На прес-конференцијата беше истакнато дека со Предлог-буџетот за 2024 година се продолжува воспоставената практика за почитување на златното правило во јавните финансии, односно дефицитот да е помал од капиталните расходи и се обезбедуваат и средства за системски воспоставените механизми за понатамошно зголемување на платите во јавниот сектор согласно Општиот колективен договор, зголемување на пензиите и повеќе средства за општините.

„Само за исплата на зголемените плати, во Предлог-буџетот за 2024 година се обезбедени дополнителни 160 милиони евра, потоа дополнителни 170 милиони евра за спроведување на системското решение за исплата на зголемените пензии, а истовремено имаме номинално понизок дефицит за 150 милиони евра во однос на оваа година. Тоа се средства со кои се прави заштеда што значи помало задолжување“, рече министерот Бесими.

Со Предлог-буџетот за 2024 година за тековните расходи се планирани 298,6 милијарди денари, со кои се обезбедува редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор и нивно усогласување со Општиот колективен договор, навремена и редовна исплата на пензии и нивно усогласување согласно системското решение, гарантиран минимален приход и останати социјални права, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и алоцирање средства за таргетирана поддршка на ранливи категории граѓани и на стопанството. За трансфери и субвенции се планирани 215,2 милијарди денари, поточно за околу 5% повеќе во однос на 2023 година. За исплата на пензии, согласно новата утврдена методологија, планирани се 83,6 милијарди денари, а за исплата на надоместоци за социјална заштита 13,5 милијарди денари. Дополнителни 1,5 милијарди денари се за таргетирани мерки за најранливите категории граѓани, додека за активни мерки и политики за вработување 2 милијарди денари.

За здравствена заштита предвидени се 45,7 милијарди денари со кои ќе се финансираат здравствените услуги, ќе се исплаќаат обврски на јавните здравствени установи, ќе се финансираат програмите за лекови, меѓу кои и лекот за цистична фиброза – Трикафта, а воедно се обезбедуваат и средства за зголемени плати за сите вработени во јавното здравство согласно Општиот колективен договор.

Предвидени се средства за исплатата на земјоделски субвенции, субвенции за поддршка на мали и средни претпријатија, зголемување на конкурентноста, за иновативна дејност, технолошки развој и истражување, за нови инвестициски вложувања, поддршка на извозот и освојување нови пазари, поддршка за нови вработувања и слично. Со Буџетот за 2024 година се обезбедуваат и повеќе средства за трансфери до единиците на локалната самоуправа во износ од 29,7 милијарди денари. Општините ќе добијат 787 милиони денари односно 15,5% повеќе средства врз основа на планираното зголемување на процентот на приходите од ДДВ коишто се распределуваат на општините, односно од 4,5% на 6% од наплатениот ДДВ во претходната година. Дополнителното зголемување од 2,5 милијарди денари е наменето за финансирање на зголемените плати на вработените во институциите на локално ниво.

 

Оваа вест е достапна и на: English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *