Вести|

16 ноември 2023, Скопје – Во Предлог-буџетот за 2024 година проектирани се средства за исплата на повисоките плати на вработените во јавната администрација, за исплата на повисоки пензии согласно утврденото системско решение, но нема да има повисоки плати за функционерите. Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју во централниот Дневник на МРТ.

„За она што е предвидено со потпишаниот Општ колективен договор, со кој од септември оваа година платите на сите вработени во јавниот сектор се зголемени за 10%, обезбедени се средства во Предлог-буџетот за 2024 година. Исто така и за исплата на К-15, којшто оваа година изнесува 10.000 денари, а наредната ќе се исплати во износ од 30% од просечната нето-плата. Она што не е планирано во Предлог-буџетот се средства за раст на платите на функционерите“, рече министерот Бесими и посочи дека за исплата на зголемените плати обезбедени се дополнителни 160 милиони евра.

Тој додаде дека она што беше важно во услови на инфлација, а тоа е одржување на нивото на платите и заштита на стандардот на граѓаните е веќе остварено, поточно веќе од април има реален раст на платите, а инфлацијата е едноцифрена.

Исто така, посочи дека повеќе средства се обезбедени и за исплата на пензиите согласно законските решенија.

„Кај пензиите воспоставивме системско решение кое гарантира раст на пензиите. И пензионерите во 2024 година ќе го добијат она што им следува согласно законското решение, односно усогласување во согласност со растот на просечната плата и растот на трошоците за живот, односно инфлацијата“, наведе министерот за финансии.

Се осврна и на Програмата за претпазливост и ликвидност од ММФ којашто, како што рече, имаше позитивно влијание врз кредитниот рејтинг на земјата. Досега се искористени 100 милиони евра и во процес на одобрување е нова транша од 160 милиони евра. Тоа се средства кои овозможија финансирање со пониски трошоци и заштеда од 30 милиони евра годишно само по основ на камати.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *