17 ноември 2023, Скопје – Министрите од регионот на Западен Балкан денеска се собраа во Скопје на прв состанок на кој генералниот директор од Директоратот за проширување Јан Копман го претстави Планот за раст на ЗБ. Состанокот е почетната точка во конкретната реализација на реформските агенди кои земјите со забрзано темпо треба да ги подготват до крајот на годината и веќе во текот на следната година да имаат и пристап до дел од средствата од фондот. Регионалниот министерски состанок официјално го отворија министерот за финансии Фатмир Бесими, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и генералниот директор на Директоратот за соседска политика и преговори за проширување Јан Копман, а присуствуваат министри од Србија, Црна Гора, БиХ, Косово и Албанија.
„Повеќе од добредојдена е презентацијата на ЕК за Планот за раст и можностите што ги нуди за земјите во регионот, како основа за нашата заедничка дискусија за идните предизвици и како најдобро да се искористи и да се претвори во можности за траен и одржлив раст. Дигиталната и зелената транзиција, зголемувањето на конкурентноста и зголемувањето на еднаквоста се области за кои се потребни силни институции и политики“, порача министерот Бесими, кој е домаќин на овој прв состанок.
Со Планот на раст, на земјите од регионот им се дава силна алатка за спроведување на реформите на нивниот пат кој ќе обезбеди поврзување, поддршка за реформи и финансиска поддршка во форма на грантови и заеми.
„Нашите земји се поканети да подготват реформски агенди изградени врз нашите програми за економски реформи, заедничките заклучоци од Економскиот и финансискиот дијалог и неодамнешниот извештај за напредокот изготвен од страна на Европската комисија“, рече министерот Бесими.
Вицепремиерот Маричиќ посочи дека сo овој инструмент ќе покажеме волја, и институционална и административна, за преземање целосна одговорност за спроведување на Планот.
Копман истакна дека на овој состанок веќе се разговара за Планот којшто е усвоен и дека следниот чекор е негова имплементација.
„Не станува збор само за економски план, туку тој е и забрзувач на процесот на проширување. Тоа се работи кои одат една со друга. Ова ќе донесе опипливи резултати, а денес треба да ги разгледаме плановите и брзо да работиме затоа што нѐ чекаат важни одлуки до одржувањето на Советот во декември“, порача Копман.