21 декември 2023, Скопје – Владата и Министерството за финансии овозможија пристап до нов дополнителен капитал од 50 милиони евра за домашните мали и средни претпријатија за реализација на нивните инвестиции. Средствата ќе се пласираат преку Развојната банка на Северна Македонија, а за крајните корисници ќе бидат достапни преку деловните банки во земјата. Средствата се обезбедени преку Француската агенција за развој, со која денеска беа потпишани договори од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими и главниот извршен директор на Развојната банка на Северна Македонија Кире Наумов. Договорот од страна на Француската агенција за развој го потпиша Матје Васер, директор за Европа и Азија во Агенцијата.
„Со договорите што ги потпишуваме, Владата и Министерството за финансии овозможуваат пристап до нови свежи пари за домашните компании во износ од 50 милиони евра наменети за зелени и општествено одговорни инвестиции. На овој начин ја прикажуваме нашата посветеност за поддршка на ликвидноста на компаниите и за поддршка на нивните инвестиции преку средства по поволни услови, рече министерот Бесими.
Корисници се малите и средните претпријатија, кои се и најбројни во земјава и со најголем број вработени. Средствата од Агенцијата се доделуваат на Развојната банка на Северна Македонија која, пак, ќе ги пласира преку деловните банки до крајните корисници, односно до компаниите“, рече министерот по потпишувањето на договорите.
Тој додаде дека ова е надополнување на поддршката што ја добиваат компаниите во континуитет и дека тие имаат сигурен партнер во Владата.
„Македонските домашни компании, особено малите и средните претпријатија имаат сигурен партнер во Владата, а тоа се покажа и за време на кризата кога добија значајна поддршка преку донесените пакети антикризни мерки. Во тек е имплементација на деветтиот пакет антикризни мерки преку кој се обезбедуваат околу 500 милиони евра токму за овие компании“, рече Бесими.