Вести|

22 декември 2023, Скопје – Буџетот за 2024 година, кој од денеска е на дневен ред на пленарна седница во Собранието, се заснова на новите фискални правила од Законот за буџети и обезбедува водење здрава, предвидлива и одржлива фискална политика насочена кон намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, поттикнување на економската активност преку капиталните расходи и кон таргетирана поддршка за најранливите категории граѓани и стопанството.

„Предлог-буџетот за 2024 година ги таргетира приоритетите и соодветно ги распределува средствата за исполнување на  јавните потреби на граѓаните и фирмите, односно обезбедување услови за одржлив економски раст, продолжување на фискалната консолидација и зацврстување на фискалната одржливост, алоцирање средства за таргетирана поддршка на ранливи категории граѓани и на стопанството, интензивирање на конвергенцијата на земјата кон ЕУ и спроведување на обврските што произлегуваат од членството во НАТО“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими образложувајќи го Дополнетиот предлог-буџет за 2024 година во Собранието на РС Македонија.

Тој додаде дека буџетскиот дефицит во 2024 година е во согласност со фискалните правила односно на ниво од 3,4%, особено ако се земе предвид дека  0,4% од буџетскиот дефицит се средства за антикризните мерки, а дополнително  1,7% се за плаќања на каматите за долгот акумулиран од минатото. И јавниот долг е во рамки на фискалните правила, па така на крајот на оваа година ќе биде под ниво од 60%, односно 59,3% од БДП. Со ваквите политики ќе продолжиме и во наредниот период согласно Фискалната стратегија и Стратегијата за управување со јавниот долг.

Клучно е тоа што се менува структурата на Буџетот. „Од минатата година нивото на капитални расходи е поставено на двапати повисоко ниво во однос на 2020 година. Оваа тенденција се задржува и во Буџетот за 2024 година, во кој капиталните инвестиции се проектирани на ниво од 45,2 милијарди денари односно на повисоко ниво од буџетскиот дефицит.

Во Буџетот за 2024 година вкупните приходи се планирани на ниво од 310,1 милијарда денари или за 10% повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се на ниво од 343,6 милијарди денари или за околу 5,8% повисоки во однос на 2023 година. Вака планираните приходи и расходи резултираат со намален буџетски дефицит во однос на 2023 година за околу 9,2 милијарди денари поточно во апсолутен износ од 33,5 милијарди денари или на ниво од 3,4% од планираниот БДП.

Средствата се наменети за реализација на веќе започнатите инфраструктурни проекти, односно инвестиции во патната и железничката, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, животната средина и правосудството.

Со Буџетот за 2024 година се обезбедени средства за 6,7% повеќе споредено со лани и тоа за редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални права, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности на претпријатијата.

Со оглед на неизвесноста од кризата, во Буџетот се предвидени и средства во износ од 60 милиони евра за таргетирана поддршка на ранливи категории граѓани и на стопанството. Дополнително, средства за оваа намена се предвидени и во други програми на министерствата, како што се Програмата за енергетска сиромаштија и Програмата за гарантиран минимален приход во Министерството за труд и социјална политика и сл.

Проектираниот економски раст за 2024 година изнесува 3,4% и инфлација на ниво од 3,6%.

Собраниската расправа по Дополнетиот предлог-буџет за 2024 година трае 5 дена.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *