Вести|

24 декември 2023, Скопје – Просечна стапка на економски раст од 4,7% во следните 20 години, побрз раст на животниот стандард со за 70% повисок БДП по глава на жител и значително намалување на стапката на сиромаштија се дел од интегралното сценарио од Националната развојна стратегија за периодот 2024 – 2044 година. Ова сценарио е остварливо само ако има општествен консензус за клучните развојни приоритети, за градење поконкурентна економија, напредни технологии и одржлив развој, повисок стандард и квалитет на живеење, чиста животна средина, безбедна и просперитетна земја, посочува во својата најнова колумна министерот за финансии Фатмир Бесими.

„За да бидеме „економското чудо на Балканот“ потребен ни е еден општествен консензус за стратешките приоритети, еден општествен отворен дијалог за сите клучни прашања. Потребно е лидерство коешто ќе ја одрази колективната свест за подобра иднина и меѓугенерациски договор дека оваа генерација ќе обезбеди подобра иднина за следната, а таа, пак, ќе остане тука за да го пренесе овој аманет на наредната генерација, па таа на следната итн.“, порачува Бесими.

Министерот за финансии истакнува дека Националната развојна стратегија за периодот 2024 – 2044 година се темели на шест приоритетни области: 1. Одржлива, иновативна и конкурентна економија, 2. Одржлив локален и регионален развој кој обезбедува кохезија, 3. Демографска ревитализација и социјален и културен развој, 4. Владеење на правото и добро управување, 5. Сигурно, безбедно и отпорно општество и 6. Зелена и дигитална трансформација. Тој образложува дека според сценаријата за раст на економијата во наредните дваесет години, согласно базичното сценарио се проектира просечен годишен реален раст на БДП за 2,6%, но дека со примена на реформите според стратешките приоритетни области овој раст може да биде и за  двапати повисок.

„Со интегралното сценарио како преферирана опција, во 2044 година во однос на 2024 година ќе оствариме побрз раст на животниот стандард (БДП по глава на жител ќе биде за 70% повисок), позначајно ќе се намали нивото на сиромаштијата (од 6,1% на 0,4% лица со дневен доход од 2,15 американски долари), приходите во Буџетот ќе достигнат ниво од 43,5% од БДП, што е значително повисоко во однос на сегашната проекција за 2024 година на ниво од 31,7% од БДП. За да се постигне побрза конвергенција со земјите на ЕУ во однос на новите земји членки (Хрватска и други), нашиот економски раст ќе треба да биде над 5%, што ќе ни го обезбеди епитетот „економско чудо на Балканот“, пишува Бесими.

За успешна реализација на Националната развојна стратегија неопходни се и секторски стратегии и програми со акциски планови, како што се Стратегијата за развој на човечкиот капитал, Стратегијата за паметна специјализација, Стратегијата за унапредување на извозот, Стратегијата за одржлив развој, Стратегијата за развој на енергетиката, Стратегијата за дигитализација и сајбер безбедност, Стратегијата за локален и регионален развој, Стратегијата за управување со јавните финансии, Стратегијата за формализација на неформалната економија, како и стратегиите во областа на развојот на земјоделството и безбедноста на храната, стратегиите во областа на социјалната заштита, здравството, образованието, културата, туризмот, поддршката на младите и спортот, безбедноста и одбраната. „Интензивно работиме на развојни стратегии, и тоа во соработка со други меѓународни институции и со Европската Унија, па тука би ги издвоил: Планот за раст на Западен Балкан 2024 – 2027 година во износ од 6 милијарди евра за целиот регион, од кои околу 900 милиони евра ќе бидат за нашата економија, како и Рамката за партнерство со Светската банка 2024 – 2028 година во износ од околу 900 милиони евра за развој на нашата економија“, истакнува министерот за финансии.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *