МАКЕДОНСКА БАНКАРСКА АСОЦИЈАЦИЈА
во соработка со
Народната банка на Република Северна Македонија
и
Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија
објавува
ЈАВЕН ПОВИК
до основните и средните училишта во Република Северна Македонија
Ги повикуваме основните и средните училишта во Република Северна Македонија за учество во меѓународниот натпревар – Европски квиз на парите. Овој квиз е проект на Европската банкарска федерација за финансиска едукација на учениците од 13 до 15 години.
Европскиот квиз на парите се одвива во две фази:
– првата фаза се националните натпревари во секоја земја;
– втората фаза е европското финале, во кое учествуваат победниците на националните натпревари.
Во Република Северна Македонија, националниот натпревар ќе се одржи за време на Глобалната недела на парите (од 18 до 24 март 2024 година), на македонски и на албански јазик, во два круга:
– прв круг: онлајн натпревар за селекција на најдобрите три тима;
– втор круг: најдобрите три тима се натпреваруваат за титулата „национален шампион“ со физичко присуство во просториите на Македонската банкарска асоцијација.
Тимот од најдобрите двајца ученици ќе ја претставува нашата земја на европското финале што ќе се одржи на 18 и 19 април 2024 година во Брисел, Кралството Белгија. Секој тим се натпреварува на својот мајчин јазик. Европската банкарска федерација ќе им додели парична награда на училиштата што ќе освојат прво, второ и трето место.
Натпреварите ќе се одвиваат преку посебна електронска апликација за оваа намена Кахут (Kahoot!), која е едукативна платформа врз база на игра.
Се повикуваат сите заинтересирани основни и средни училишта да пријават одделенија/класови за учество на националниот натпревар во Република Северна Македонија најдоцна до 19 февруари 2024 година, на веб-страницата на Македонската банкарска асоцијација на следнава врска или на електронската адреса: info@mba.mk.
Притоа, треба да се има предвид следново:
- Учениците се натпреваруваат во тимови по двајца;
- Секое основно или средно училиште може да пријави повеќе одделенија/класови и секој клас може да пријави повеќе тимови;
- Учениците треба да бидат на возраст од 13 до 15 години, со датум на раѓање најдоцна до 19.4.2008 година;
- Заедно со податоците за одделенијата/класовите треба да се достават податоци и за наставниците/професорите под чие менторство ќе се одвива подготовката.
Едукативните материјали потребни на учесниците од Република Северна Македонија за подготовка за националниот натпревар и европското финале и повеќе информации за Европскиот квиз на парите се достапни на следниве веб-страници: mba.mk и efb.eu.
Поддржано од:
Министерството за образование и наука на РСМ
Министерството за финансии на РСМ