23 јануари 2024, Скопје – Планот за раст е силен инструмент и силна порака за регионот дека земјите од Западен Балкан треба да го забрзаат движењето по евроинтеграцискиот пат. ЕУ ја подава раката, а земјите треба да ја искористат можноста, да преземат одговорност на сопствен терен, да спроведат реформи и да го премостат јазот со цел побрзо да го достигнат станндардот на ЕУ за своите земји и своите граѓани. Ова беше истакнато на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со новата директорка за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговови за проширување на Европската комисија, Валентина Суперти.
„Владата и Министерството за финансии посветено работат на реформи и политики кои ќе ја доближат РС Македонија до европското семејство. Во текот на овој месец беше усвоена Програмата на економски реформи 2024 – 2026 година која ги содржи сите реформски мерки кои имаат европски предзнак и на кои ќе се фокусираме во наредниот период со цел таа реформска агенда да биде испорачана согласно утврдената динамика“, рече министерот Бесими.
Тој потенцира дека овој документ ќе биде надоврзување на агендата за Планот за раст на Западен Балкан и оти институциите се веќе подготвени за тој процес.
„Петте приоритетни области за Северна Македонија, избрани во договор со Директоратот за проширување, се однесуваат на управување со јавните финансии, дигитална и енергетска/зелена транзиција, човечки капитал, деловно окружување и владеење на правото. Работиме, заедно со колеги од Брисел и Делегацијата на ЕУ, на финализирање на клучните елементи од реформската агенда. Следните чекори се насочени кон развивање конкретни активности за имплементација на реформите и придружните инвестиции“, рече министерот Бесими.
На средбата беше посочено дека Реформската агенда 2024 – 2027 година ќе ѝ овозможи на земјата да напредува во владеењето на правото, да ја зголеми ефикасноста на јавната администрација и судството, да ги подобри јавните услуги, да ја зголеми продуктивноста и да создаде можности за работа, но и да оствари напредок во дигитализацијата и зелената транзиција. Спроведувањето на мерките ќе придонесе за зајакнување на капацитетите на земјата да одговори на шокови, да ја одржи макроекономската стабилност и да постигне одржлив и инклузивен раст.
Активности за спроведување на овој процес се одвиваат со забрзана динамика. Во таа насока беше и денешниот состанок на лидерско ниво, којшто се одржа во Скопје заедно со претставници од ЕУ и САД.