Вести|

26 јануари 2024, Скопје – Зајакнување на растот во 2024 година, поттикнат од планираните јавни инвестиции, особено од започнувањето на изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10д; постепено намалување на инфлацијата; остварени фискални цели; јавен долг со изгледи да остане на одржливо ниво и во согласност со фискалните правила од усвоениот Закон за буџети, како и навремено сервисирање на обврските; буџетски дефицит реализиран пониско од планираното – ова стои во заклучокот на извештајот на Меѓународниот монетарен фонд за член IV и првиот преглед за Линијата за претпазливост и ликвидност, што го објави ММФ.

Во извештајот е наведено дека во Буџетот за 2024 година, усвоен од страна на Собранието, буџетскиот дефицит е проектиран на пониско ниво (3,4% од БДП) и препорачува да се продолжи со фискалната консолидација и доближување на нивото на дефицитот со утврденото фискално правило од Законот за буџети на 3% од БДП. Планираните расходи во Буџетот се на сметка на капиталните инвестиции и го поздравуваат зголемувањето на планираните капитални расходи и сметаат дека таквото темпо треба да продолжи и во иднина.  Исто така, според ММФ, важно е да се обезбедат бафери со цел да можеме да одговориме  на ризиците и таргетирана поддршка на ранливите категории граѓани со цел справување со енергетската криза.  Расходите за плати да се движат во рамки на договореното со Општиот колективен договор, а клучна ќе биде и претпазливоста во трошењето во изборниот период.

ММФ очекува забрзување на економската активност во 2024 година, проектирана на 2,3% во 2023 година и на 3% во 2024 година.  Клучни двигатели ќе бидат домашната потрошувачка и реализацијата на јавните инвестициите. Реформите насочени кон зајакнување на инвестициите, продуктивноста, зелената транзиција и намалување на емиграцијата се клучни за обезбедување силен, одржлив раст, кој ќе ја поддржи земјата на нејзиниот евроинтеграциски пат. Тоа ќе се постигне преку подобрување на деловното окружување, владеење на правото и намалување на неформалната економија.

Според ММФ, ризиците произлегуваат главно од геополитичките тензии,  нестабилноста на цените на суровините и претстојните изборни активности.

Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) беше спроведена во период од 31 октомври до 1 ноември 2023 година, во рамки на која беше направен и првиот преглед за Линијата за претпазливост и ликвидност (ПЛЛ), како и консултациите во однос на членот IV за 2023 година. Врз основа на заклучоците од оваа мисија беше одобрен пристап до втората транша од Линијата за претпазливост и ликвидност во износ од 200 милиони евра, што беше потврдено и од Бордот на директори на ММФ. Консултациите по членот IV се редовни и се спроведуваат еднаш годишно.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *