Вести|

18 април 2024, Скопје – Заменик-министерот за финансии Филип Николоски од денеска до 20 април ќе престојува во Вашингтон, каде ќе учествува на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка, кои годинава се посветени на барање решенија за справување со глобалните предизвици, особено во делот на финансиите и знаењето, поттикнување на инвестициите во приватниот сектор, како  и подготвеност за идни кризи.
 
Во рамки на престојот во Вашингтонзаменик-министерот за финансии Николоски, покрај учеството на состаноците во рамки на Пролетните средби, ќе  оствари средби и со високи претставници на Светска банка и ММФ, на кои се очекува да стане збор за макроекономските политики и очекувањата на среден рок, имајќи ги предвид реформите што претстојат, напредокот во ЕУ интеграцијата, како и предизвиците од поширокиот глобален контекст.
 
Во Вашингтон, заменик-министерот за финансии ќе се сретне со потпретседателката на Светска банка Антонела Басани, извршниот директор на Светска банка Јуџин Ругенат, директорката на Светска банка за Западен Балкан Шиаочин Ју. Исто така, ќе оствари средби и со високи претставници од ММФ, односно со заменик на генералниот директор на ММФ Бо Ли, извршниот директор на ММФ Пол Хилберс, алтернативниот извршен директор Лук Дресе, како и директорoт на ММФ за Европа Алфред Камер.
 
РС Македонија и политиките што ги презема оваа Влада добиваат широка поддршка преку повеќе програми што се спроведуваат со овие меѓународни финансиски институции. Реформите се во согласност со Програмата за ликвидност и претпазливост со ММФ и се основа за задржување на здравите макроекономски политики во услови на криза. Исто така, поддршка на реформите е предвидена во рамки на петгодишната нова Рамка за партнерство со Светската банка и која веќе се имплементира од почетокот на оваа година. Целта е поддршка на поставените приоритети за обезбедување забрзан и одржлив економски раст, отпорност на кризи и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
 
Пролетните средби на ММФ и Светска банка се одржуваат секоја година, а оваа година се во период од 15 до 20 април. На нив учествуваат министри за финансии и гувернери на централните банки на земјите членки, кои дискутираат за актуелните случувања во светската економија и на теми како намалување на сиромаштијата и потикнување на економскиот раст. На пролетните средби заедно со заменик-министерот за финансии учествува и гувернерката на Народната банка на РС Македонија Анита Ангеловска-Бежоска.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *