19 април 2024, Скопје – Со цел информирање на јавноста, а во врска со изнесените информации од страна на дополнителниот заменик-министер во Министерството за финансии, соопштуваме дека во однос на наведените случаи не станува збор за незаконски донесени одлуки во постапките за вработување, унапредување и издавањето известувања за обезбедени финансиски средства за реализација на нови вработувања кај буџетските корисници.
Министерството за финансии од почнување на мандатот на Преодната Влада, во која во Министерството за финансии има дополнителен заменик-министер за финансии во духот на добра соработка, транспарентност и отчетност во работењето, а со цел заеднички и рамноправно да учествува во одлучувањето, сите предмети кои беа доставувани на потпис до министерот, беа доставени на разгледување и до дополнителниот заменик-министер, вклучително и документите кои се однесуваат на постапките за вработување и унапредување во МФ и издавањето известувања за обезбедени средства за нови вработувања кај буџетските корисници. Иако, согласно со Законот за влада Чл.46 е дефинирано дека дополнителниот заменик на министерот заедно со министерот рамноправно ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи кои ги донесува министерот, а се однесуваат само на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организација на изборите. Исто така согласно членот 46 дополнителниот заменик-министер е должен веднаш, а најдоцна во рок од еден ден да го одобри или одбие актот во смисла на овој закон, за што дополнителниот заменик-министер не се одлучуваше по истите.
Министерството за финансии постапувајќи по чл.46 од Законот за влада, до дополнителниот заменик-министер ги доставуваше на разгледување сите предмети кои беа доставувани на потпис до министерот, не навлегувајќи во толкување на одредбата која и така е општа во однос на прецизирање на тоа кои документи и акти се поврзани со организација на изборите, а во однос на тоа самата да одлучи кои од нив ќе бидат потпишувани заеднички, а согласно роковите предвидени во чл. 46 од Законот за влада, и сето тоа во духот на добра соработка, транспарентност и отчетност и се со цел заедничко и рамноправно со министерот да учествува во остварување на надлежностите на Министерството.
Заради несогласувањето согласно чл.48 од Законот за Влада, Министерството за финансии се обрати до ДИК, како единствена надлежна институција да одлучува во врска со тоа дали одредено правно, финансиски и кадровско прашање се однесува на организација на изборите. По донесената одлука на ДИК, со која се потврди дека не станува збор за прашања поврзани со организација на изборите, беа покренати судски постапки од страна на дополнителниот заменик-министер за финансии пред надлежни судови, каде одлуката на ДИК беше потврдена од страна на Управниот суд, но по жалба пред Виш управен суд истиот ја поништи и ја врати на повторно одлучување. Оттука, произлегува дека не станува збор за незаконски одлуки на Министерството за финансии, туку се поништува одлуката на ДИК со која се одлучува дека ваквите акти не треба да бидат предмет на врзан потпис и се враќа на повторно одлучување во ДИК.