Вести|

20 април 2024, Вашингтон – Економијата беше и останува врвен приоритет за Владата. Очекувањата кои беа споделени и на состаноците со ММФ и Светска банка се декакризата е во најголем дел надмината и може да се фокусираме на економски раст и да ги постигнеме посакуваните стапки на раст. Ова го истакна заменик-министерот за финансии Филип Николоски во интервју за Гласот на Америка за време на учеството на Пролетните средби на ММФ и СБ во Вашингтон. 

 Економијата е врвен приоритет за следната влада. Така беше во минатото, така ќе биде и сега. Не треба да заборавиме дека во овие 4 години менаџиравме криза. Имавме пост-ковид криза, енергетска криза и инфлаторна. Сепак, успеавме да го задржиме стандардот на граѓаните, пораснаа платите, пораснаа пензиите, имаме рекорден раст на просечната плата за овие 7 години. Главен фокус е задржување на стандардот на граѓаните. Во 2023-та, една Германија имаше негативен раст, од -0,3%. Со оглед дека Германија е наш најголем трговски партнер, не можеме да очекуваме дека ние како мала и отворена економија ќе имаме супериорен раст. Кога менаџираш кризи, не можеш да се фокусираш на раст. Сега на состаноците со ММФ и Светската банка, се говори дека во најголем дел, кризата е позади нас и е надмината. Тоа ќе даде еден поттик и во наредните 4 години македонската економија да го достигне оној посакуван раст и ќе се движи на ниво меѓу 4 и 5 проценти. Тоа ќе ја забрза економијата и ќе го подобри стандардот на граѓаните“, рече заменик-министерот за финансии.

Тој потсети дека во изминатите 4 години на криза никој не беше оставен сам и дека  9-те пакети антикризни мерки беа директно насочени и  кон граѓаните и кон бизнис секторот. При тоа наведе дека се спроведуваат мерки и политики со кои се зачувува стандардот на граѓаните. 

„Од 2017-та година, една просечна македонска плата заедно со една минимална плата, секојпат во овие 7 години се над нивото на потрошувачката кошничка. Така и сега просечната плата достигна 40.000, минималната плата е 23.000 денари, а потрошувачката кошничка е 60.000 денари. Токму со политиките и мерките што ги прави оваа Влада, се зачувува стандардот на граѓаните“, истакна заменик-министерот Николоски.

Тој упати и на остварувањата во 2023 година наведувајќи дека е реализирано највисоко ниво на буџетски приходи, највисоко ниво на реализирани капитални инвестиции од 700 милиони евра,  највисок процент на раст на плата од 16%.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *