27 јуни 2024, Скопје – Во Министерството за финансии се подготвува ребалансот на Буџетот за 2024 година. Ќе се обезбедат пари за плати и пензии, за сѐ она што е преземено како обврска согласно закон, а ќе се скратат неприоритетните и непродуктивните трошења. Предизвикот е голем, планираниот дефицит е потрошен околу 90%, но ќе се справиме со состојбата.
Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во подкастот „Каде се парите“, во своето прво гостување по преземањето на функцијата. Во него говори и за плановите, за сериозниот пристап во работењето, борбата со сивата економија, зголемувањето на пензиите, како и за најавениот заем од една милијарда евра.
„Состојбата е многу лоша. Дефинитивно, предизвикот е голем. Не велам дека нема да се справиме. Насоките што ги дадов се дека приоритет мора да имаат платите и пензиите. Во исто време да се даде приоритет на сѐ она што е преземено со закон и што мора да се плати, а потоа да продолжиме со прераспределба на другите ставки зависно од тоа колку пари ќе останат“, рече министерката Димитриеска-Кочоска која додаде дека има позиции, како што е примерот со ДИК да недостасуваат огромни средства и да не може да се исплати она што е преземено согласно закон, како и во делот на исплата на пензиите каде што се испланирани помалку средства, и тоа за 2,5 милијарди денари.
Таа додаде дека имаме фактичка состојба на реализиран буџетски дефицит од 90%, но дека ќе има простор да се реализираат расходи бидејќи таа состојба ќе се менува како што ќе пристигнуваат приливи во Буџетот. Оттаму, особено е важно час поскоро да се направат промени на челните позиции во УЈП и во Царинската управа. Исто така, значајна е и борбата со сивата економија, за што, како што истакна, ќе има сериозен пристап.
Со ребалансот, потенцира, ќе се обезбедат средства за исплата на планираното зголемување на пензиите во износ од 2.500 денари со септемвриската пензија, којашто пензионерите ќе ја добијат во октомври.
„Во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување недостасуваат 2,5 милијарди денари за исплата на пензиите. СДСМ и ДУИ предвиделе 2,5 милијарди денари помалку за пензии, а тоа значи дека тие средства секако ќе требаше да се дополнат. Тоа се 40 милиони евра. А дополнителни 40 милиони евра се потребни за да се реализира зголемувањето од 2.500 денари. Немам дилема дека ќе ги најдеме тие средства“, рече министерката за финансии и дополни дека тие средства нема да бидат обезбедени од најавениот заем од една милијарда евра. Инаку, како што истакна, пензионерите ќе добијат уште 2.500 денари до јуни наредната година, а можеби и порано, со што ќе се оствари ветувањето за линеарно зголемување на пензиите во износ од 5.000 денари.
За најавениот заем од една милијарда евра посочи дека тој ќе биде од земја од ЕУ и дека средствата ќе се користат за капитални проекти.
„Она што можам сега да го кажам и што сме го повторувале многупати досега е дека таа милијарда ќе стигне од земја на ЕУ. Средствата ќе бидат наменети исклучиво за проекти и нема да се повлечат одеднаш. Тие воедно ќе претставуваaт еден сигурносен бафер во овој момент, за да имаме сигурност во однос на тоа да начекаме многу лоша состојба. Но тоа не значи дека нема да се искористат. Напротив, првите 250 милиони евра ќе стигнат во најкус можен рок, а ќе бидат наменети за приватниот сектор. Нив ќе ги пласира Развојната банка преку комерцијалните банки, по исклучиво поволни услови со камати под 3%“, наведе министерката за финансии Димитриеска-Кочоска.