Вести|

2 јули 2024, Скопје – Ребалансот на Буџетот се уште не е целосно дефиниран, но она што е познато дека планираните вкупни приходи и расходи ќе останат на исто ниво и дека дефицитот во апсолутен износ нема да се менува.

Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во „24 Анализа“, во која посочи дека ќе има кратење на неприоритетни расходи и пренасочување кон проекти кои се функционални.

„Веќе имаме некој нацрт за ребалансот. Ги знаеме потребите, кои се приоритетите и каде имаше грешки во планирањето во подготовка на Буџетот за 2024 година.  Приоритет ќе биде да се сервисира она што е преземено со закон, како што е Колективниот договор во високото образование за плати, пензиите, каде со Буџетот не се планирани доволно средства и да не се реализира најавеното линеарно зголемување и слично“, рече министерката за финансии.

Таа потенцира дека во Буџетот има простор да се крати од одредени ставки кои ќе се реалоцираат. Исто така, додаде  има средства кои ќе се пренаменат од капиталните инвестиции, каде се чуваат средства по наменски сметки, а нема реализација на проектите. Планирани се 45,2 милијарди денари, а има реализација на 12,9 милијарди денари. Заклучно со 30 јуни ќе се скратат 20 милиони евра од капитални проекти, каде што нема постигнато реализација од 40%“, појасни Димитриеска-Кочоска и додаде дека ќе се скрати и програмата за Ковид во Владата бидејќи нема никаква реализација од почетокот на годината.

Информира дека веќе денеска ќе се пушти буџетскиот циркулар до буџетските единки и дека тие за два дена треба да достават одговор со нивните потреби и врз основа на тоа потоа да се доработи Ребалансот на Буџетот.

Во однос на даночната политика посочи дека нема да има зголемување на даноците, дека бизнис заедницата ќе има предвидливо опкружување и дека може да инвестира. Во однос јавниот долг и задолжувањето наведе дека се отвора прашањето за отплата на еврообврзница која достасува во јануари 2025 година и дали тоа да се направи со издавање нова еврообврзница или со најавениот заем од една милијарда евра.

Министерката гостуваше во емисијата заедно со Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи и Мирче Јовановски, новинар.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *