16 јули 2024, Скопје – Во просториите на Министерството за финансии се одржа обука на тема „Правни аспекти за концептот на нетирање (close out netting) и модалитети за негово спроведување во практика“, којашто е во рамки на проектот „Развој на правна и регулаторна рамка за деривативи и репо“. Овој проект е поддржан од Европската банка за обнова и развој, а Министерството за финансии е директен корисник на техничката помош.
Официјалниот почеток на проектот беше одбележан во мај 2024 година со заедничка средба на експертите ангажирани од ЕБОР и претставници на засегнатите страни: Министерството за финансии како директен корисник на техничката помош, Народната банка, Комисијата за хартии од вредност и Министерството за правда. Од страна на Европската банка за обнова и развој како правни консултанти се ангажирани Адвокатската канцеларија Лазаров од Скопје и Адвокатско друштво Цветкова Бебов и партнери, член на Евершедс Сатерленд (Eversheds Sutherland) од Софија. Времетраење на проектот е 18 месеци.
Целта на проектот е креирање на законско решение и соодветни измени во постојната законска регулатива во областа на пазарот на капитал, стечајот и деривативите и репо-договорите, со фокус на пребивањето (close-out netting), со цел да се добие позитивно правно мислење од страна на ИСДА Лондон (ISDA – International Swaps and Derivatives Association ) во делот на склучувањето репо-договори. Ова особено ќе им помогне на домашните банки при склучување репо-договори во странство, односно позитивно даденото правно мислење од страна на ИСДА, ќе значи обезбедена сигурност и понизок ризик за домашните банки при склучување на репо-договорите во странство.