Вести|

17 јули 2024, Скопје – Триесет и една милијарда денари се обезбедуваат со предлог-ребалансот на Буџетот за 2024 година, којшто доцна синоќа беше усвоен на седница на Владата. Со ребалансот се обезбедуваат потребните средства за исплата на доспеани обврски и средства за преземени обврски согласно закони, а кои не биле испланирани со Буџетот за 2024 година. Усвоените измени, денеска на прес-конференција, ги образложи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

„Ребалансот на Буџетот за 2024 година отвори многу прашања и многу неочекувани изненадувања. Лошата состојба во Буџетот ги надмина и нашите очекувања. Затекнавме состојба која значи држава во хаос и долгови. Буџет кој е список на желби наместо креиран развој. Предимензионирани плаќања. Економија во клиничка смрт. Затоа подготовката на ребалансот  тргна од неколку претпоставки т.е колку средства можат да се прераспределат во веќе постоечкиот Буџет од ставки коишто бележат слаба реализација, планирање на средства кои иако имало законска обврска не биле предвидени, како и доспеани обврски кон граѓаните и бизнисот. Целта е со овој ребаланс новата Влада да ја подобри состојбата на огромен број граѓани и на бизнис-заедницата вклучително земјоделци, млади, возрасни лица, спортисти и сл.“, рече министерката за финансии.

Со ребалансот, вкупните приходи се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари и бележат зголемување од 2,6%, што е резултат на повисокото остварување на придонесите заради зголемување на платите во дел од јавните институции, како и очекувањата за раст на платите во приватниот сектор.

Вкупните расходи се планирани на ниво од 362,8 милијарди денари и бележат раст од 5,6% во однос на иницијалните проекции. Врз основа на вака проектираните приходи и расходи, буџетскиот дефицит е планиран на 44,7 милијарди денари, односно на 4,9% од БДП.

„Отстапувањето од фискалното правило кај буџетскиот дефицит се должи, пред сѐ, на потребата од обезбедување неопходни средства за непречено функционирање на институциите и сервисирање на обврските. Околу 20 милијарди денари се обезбедија преку прераспределба од различни ставки, како што се стоки и услуги кај сите корисници и капитални инвестиции. Дополнителни 11 милијарди денари се обезбедени за покривање на доспеани обврски, како и на обврски кои биле законски, а не се планирани“, истакна Димитриеска-Кочоска, која додаде дека буџетскиот дефицит е нереално прикажан во иницијалниот Буџет за 2023 година, и тоа за 7 милијарди денари, со оглед на тоа што декемвриската пензија била исплатена во јануари 2024 година.

Со Ребалансот, посочи министерката, се обезбедија и 4,1 милијарда денари за исплата на плати, 5 милијарди денари за исплата на пензиите на пензионерите,  600 милиони денари за исплати по судски решенија, 1 милијарда денари за финансиска помош во ТИРЗ, 644 милиони денари за исплата на студентски оброк и стипендии, 1,7 милијарди денари за здравствено осигурување, боледувања и други доспеани обврски, 1,7 милијарди денари за субвенции во земјоделството, 550 милиони денари за ваучери за спорт, 80 милиони денари за Бирото за развој на образованието, 1,3 милијарди денари за исплата на повратот на ДДВ преку мерката Мој ДДВ, како и 132 милиона денари за исплата кон фондовите на ЕУ поради констатирана злоупотреба.

Со ребалансот се обезбедуваат и 6 милијарди денари за капитални инвестиции во општините, како и средства за Државната изборна комисија за изборниот процес.

Според министерката, најголем фискален ризик се исплатата на обврските по издадени гаранции за кредити кои ги земале државни и јавни претпријатија, како и каматите.

„Потребни беа 5,1 милијарда денари за сервисирање на кредитните обврски кон меѓународни финансиски институции во име на државни и јавни претпријатија, коишто се издадени со државна гаранција. Ова се средства кои поради крајно расипничкото работење во овие претпријатија повторно паѓаат на товар на граѓаните и за тоа треба да има одговорност. Дополнително се обезбедени и 822 милиона денари за камати поради растот на дел од каматите врзани со еурибор“, наведе таа и додаде дека до 2028 година доспеваат камати во износ од 1,8 милијарди евра.

Воедно, министерката истакна дека е несфатливо тоа што одделни институции на своите сопствени сметки имаат скоро 14 милијарди денари. Тие треба да сфатат дека вршат јавна дејност, трошат народни пари и тие средства треба да ги користат домаќински со цел да се намали оптоварувањето на Буџетот.

„За овие средства се земаат кредити за кои годишната камата е скоро 13 милиони евра. Затоа сметам дека секоја институција треба да си ги провери своите закони согласно кои располага со сопствени сметки, а потоа да ги користи за тековни расходи или капитални расходи со цел да се намали оптоварувањето на Буџетот. Во овој момент, тие пари стојат на сметки без никаков позитивен ефект и напротив – креираат само трошоци. Мора да разбереме дека сите треба да работиме во интерес на граѓаните бидејќи станува збор за народни пари“, рече Димитриеска-Кочоска.

Таа изрази убедување дека и покрај сите предизвици во ребалансот, Буџетот за 2025 година ќе донесе нова надеж, многу подобро и подомаќинско планирање и конечно реализирање проекти коишто ќе имаат додадена вредност на целата економија, преку кои граѓаните и бизнис-заедницата ќе почувствуваат позитивни ефекти и подобар животен стандард.

Предлог-ребалансот на Буџетот за 2024 година, којшто беше усвоен од Владата, ќе биде испратен во Собранието.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *