17 јули 2024, Скопје – Претставници од Министерството за финансии денеска учествуваа на третата сесија на Работната група 6 – Антикорупција (Поглавје 5, Поглавје 18 и Поглавје 32), којашто се одржа на темата „Градење кохезивна дигитална инфраструктура за развој на напредни јавни финансии“ во организација на Националната конвенција за Европската Унија (НКЕУ-МК).
На третата сесија на Националната конвенција за Европската Унија (НКЕУ-МК), посветена на спречувањето и борбата против корупцијата, низ две панел-дискусии се водеше дијалог поврзан со прашања за нивото на дигиталната инфраструктура и дигиталната писменост во нашата земја, како и за предностите што ги имаат повисоките нивоа на дигитализација и примената на вештачката интелигенција во работењето на јавната администрација и управувањето со јавните финансии.
На настанот учествуваа претставници од релевантни институции, граѓански организации, меѓународни експерти и други, кои дискутираа за прашањата поврзани со дигиталната трансформација, како еден од клучните приоритети на Европската Унија и улогата на дигиталната трансформација во подобрувањето на јавните финансии и борбата против корупцијата.
Република Северна Македонија, како држава кандидат за членство во Европската Унија, вложува значајни напори за да ги следи овие современи тенденции кои со голема брзина го менуваат начинот на работењето и живеењето во светски рамки.