30 јули 2024, Скопје – Со ребалансот на Буџетот за 2024 година се обезбедија средства за исплата на платите на вработените во јавниот сектор и сите права на вработените утврдени согласно закон и потпишаните колективни договори ќе бидат испочитувани.
Ова го порача заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во рамки на седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет, на која во тек е амандманска расправа за Предлог-измени и дополнување на Буџетот за 2024 година.
„Со предложениот ребаланс околу 1 милијарда денари се распределени по различни буџетски корисници заради усогласување со минималната плата, и тоа кај оние вработени коишто земале плата под нивото на новата минимална плата (околу 6.000 вработени) и кај оние вработени каде што минималната плата е компонента на основната плата. Станува збор за околу 24 илјади административни службеници, судски и обвинителски службеници, затворски службеници, собраниски службеници, вработени во градинки, старски домови и детски одморалишта, вработени во културните установи“, истакна заменик-министерот.
Тој додаде дека со ребалансот се обезбедуваат и 80 милиони денари за предвиденото зголемување на платите на вработените во јавниот сектор од септември 2024 година, обврска согласно Општиот колективен договор.
Дополнително, како што истакна, согласно обврските од Општиот колективен договор на вработените во јавниот сектор обезбедени се и средства за исплата на регрес за годишен одмор за вработените кај буџетските корисници во износ од околу 11.000 денари по вработен.