Вести|

31 јули 2024, Скопје – Македонската економија се очекува да забрза до ниво од 2,5% во 2024 година и да достигне 3% до 2027 година, јавниот долг да остане умерен и да се стабилизира на 57% од БДП до 2027 година, а буџетскиот дефицит за годинава е ревидиран на 4,9% и се очекува од 2025 година да се зајакнат напорите за фискална консолидација согласно Законот за буџети. Ова го констатира Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандар и пурс“ во најновиот извештај со кој земјата го задржа кредитниот рејтинг ББ- со стабилни изгледи.

„Стандард и пурс“ во извештајот наведува дека земјата забележа стапка на раст од 1% во 2023 година, продолжувајќи го ваквиот тренд од последните две години, поради слабата надворешна побарувачка и инвестиции. Поконкретно, во извештајот е констатирано дека „во првиот квартал од 2024 година, економијата забележа раст од 1,2% на годишно ниво, којшто е доминантно поттикнат од инвестициите, особено преку јавните инфраструктурни проекти“. Според Агенцијата токму овие проекти ќе бидат двигатели на економскиот раст и во нхаредниот период. Ризиците кои може да влијаат на намалување на растот се поврзани со неизвесното економско окружување во ЕУ и потенцијалот за зголемување на цените на суровините поттикнати од глобалните геополитички тензии. Сепак, очекувањата на Aгенцијата се растот да закрепне и да достигне 3% до 2027 година, поттикнат од очекуваното зголемување на надворешната побарувачка и зајакнувањето на кредитната активност.

И покрај слабиот економски раст, „Стандард и пурс“ наведува дека е постигнато значително намалување на стапката на невработеност, којашто е намалена на ниво од 12,9% во првиот квартал од 2024 година и дека таквиот тренд ќе продолжи и во иднина, поддржан од приливот на странски директни инвестиции. Ризик на кој се посочува е високото ниво на емиграција, значителниот неформален сектор и недостигот на квалификувана работна сила.

Исто така, во извештајот се нотира дека послабите изгледи за економскиот раст за оваа година се пресликуваат и во ревидираниот Буџет, кој се фокусира на пораст на пензиите и платите, сервисирање на долговите и намалување на другите расходи, а воедно буџетскиот дефицит за 2024 година е ревидиран на ниво од 4,9%. Значајно според Агенцијата е почитувањето на Законот за буџети и понатамошна фискална консолидација. Проекцијата за буџетскиот дефицит во периодот 2024-2027 година е 3,5% од БДП во просек. Притоа, клучни предизвици на кои се упатува во извештајот се неформалниот сектор и зголемените трошоци за инфраструктурните проекти.

Суштинско според „Стандард и пурс“ е да се продолжи со обезбедување силен економски раст и спроведување на структурните реформи. Примарна агенда на Владата, нотира Агенцијата, се сеопфатни реформи насочени кон ревитализација на институциите, борба со корупцијата и почитување на владеењето на правото. Клучна цел е економскиот раст, поставен на 5%, поттикнат од големите инфраструктурни проекти, привлекување нови инвестиции, зајканување на наплатата на даноците и зголемување на приходите, како и зголемување на пензиите и платите.

Кредитниот рејтинг којшто го изготвуваат агенциите за кредитен рејтинг го покажува степенот на ризик од инвестирање и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носењето на нивните одлуки.

Кредитниот рејтинг на земјата се оценува двапати во годината од страна на агенциите „Стандард и пурс“ и „Фич“.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *