6 август 2024, Скопје
Почитувани претставници на медиумите,
Најпрво дозволете ми да изразам сочувство за прерано згаснатиот живот на вашиот колега и искрено сочувство до семејството.
Денеска сакам да Ве информирам дека, откако во собраниската Комисија за финансирање и буџет беше разгледан Предлог-ребалансот и во рамки на која се отвори конструктивна расправа, Владата го усвои Дополнетиот предлог за измени и дополнувања на Буџетот за 2024 година, којшто ќе биде повторно испратен во Собранието за негово разгледување и усвојување на пленарна седница.
Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2024 година одговори на неколку дополнителни предизвици за кои се појави потреба да се направи надополнување во буџетите на одредени буџетски корисници.
Со дополнувањето кое ќе го доставиме на усвојување во Собранието се обезбедија надополнувања во: Државната изборна комисија, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Агенцијата за заштита на личните податоци, Оперативно-техничката агенција, Инспекцискиот совет, Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за образование, Царинската управа, судската власт, Јавното обвинителство, Советот на јавни обвинители, Народниот правобранител и сл. Поконкретно, со надополнувањата се обезбедуваат средства за исплата на плати и за набавка на опрема. Меѓу другото, во Државната изборна комисија се дополни износ од 350 милиони денари, потоа 147 илјади денари за набавка на опрема во Инспекцискиот совет, 60.000.000 денари во МВР за набавка на материјали за лични документи, 87,2 милиона денари за завршување на реализацијата на проектот за изградба на брана на реката Отиња и дополнителни 20 милиони денари за надоместок за одземен имот за овој проект (експропријација), потоа 18,7 милиони денари за научноистражувачки проекти и 3,3 милиони за набавка на опрема за Македонската академија на науките и уметностите и 138.000 денари за завршување на реализацијата на набавката на опрема кај Народниот правобранител.
Ребалансот е документ којшто го подготвивме и го надоградивме, а со кој ги надоместуваме пропустите во планирањето на иницијалниот Буџет и обезбедуваме средства за исплата на сите права согласно закон. На тој начин обезбедивме средства за целосно сервисирање на сите права и доспеани обврски до крајот на годината, средства за пензионерите, за вработените во администрацијата, за бизнисот, за здравство и сл.
Имено, со ребалансот на Буџетот обезбедивме:
- над 4 милијарди денари дополнителни средства за исплата на плати – средства потребни за реализација на преземените обврски за зголемување на платите согласно потпишаните колективни договори и законските решенија што беа донесени по усвојувањето на Буџетот за 2024 година, и тоа:
- Колективниот договор на УКИМ и измената на законите за високо образoвание и научноистражувачката дејност,
- усогласување со минималната плата за вработените каде што минималната плата претставува компонента на основната плата,
- усогласување на платите според индексот на трошоци на живот за првите шест месеци од годината, согласно одредбите од Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор и ова право ќе биде исплатено со септемвриската плата;
– дополнителни 5,1 милијарда денари за исплата на пензии и обезбедување подобар и поквалитетен живот на највозрасните граѓани;– дополнителна финансиска поддршка од околу 800 милиони денари за корисниците на правото на гарантирана минимална помош;
– дополнителни 1,7 милијарди денари за здравствена заштита , наменети за здравствено осигурување, боледувања и исплата на обврски;– дополнителни 1 милијарда денари за ТИРЗ;
– дополнителни 1,7 милијарди денари за субвенции и трансфери за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор и
– дополнителни 437 милиони денари за студентски оброк и 207 милиони денари за исплата на стипендии.
Со ребалансот на Буџетот издвоивме и 6 милијарди денари за проекти во општините.
Почитувани, намерата на Владата е со овој ребаланс да обезбедиме непречено сервисирање на обврските кон огромен број граѓани и компании, вклучувајќи ги младите, спортистите, земјоделците, пензионерите, како и вработените во администрацијата преку исполнување на нивните права согласно колективните договори. Стоиме исправени пред предизвикот да ги решиме отворените прашања и да одиме чекор по чекор во исполнувањето на нашите политики за подобар живот на сите граѓани.
Ви благодарам!