12 август 2024, Скопје – Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2024 година, којшто од денеска е на дневен ред на пленарна седница во Собранието, значи обезбедување ликвидност за сервисирање на сите обврски до крајот на годината. Поточно, како што рече министерката за финансии во експозето по Дополнетиот предлог-ребаланс на Буџетот, станува збор за средства наменети за зголемени пензии на пензионерите, за исплата на стекнатите права на работниците и раст на платите, за исплата на доспеаните обврски кон стопанството, истовремено обезбедувајќи нормално функционирање на институциите.
„Ребалансот на Буџетот за 2024 година претставува обид на новата Влада да обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината со истовремено обезбедување нормално функционирање на институциите и реализација на проектите што имаат соодветна динамика. Со предложениот ребаланс ги поправаме пропустите направени со иницијалниот Буџет, како што се недоволно испланирани средства за права коишто се законски предвидени, средства за сервисирање на доспеаните обврски и средства за поддршка на економијата. Тоа значи да обезбедиме редовна исплата на плати, кои ќе бидат усогласени во септември согласно Закон, да обезбедиме редовна исплата на пензиите и да го реализираме нашето изборно ветување за линеарно зголемување на пензиите во септември, да ги исплатиме доспеаните обврски и да не ги одложуваме, затоа што тоа го бара економијата, во која покрај најавениот поволен кредит за реализација на инвестиции ќе се вбризгаат и дополнителни 6 милијарди денари преку нивно ангажирање во реализацијата на проектите на локално ниво. Тоа sе факторите со кои сакаме да ја поддржиме економијата, која како што покажуваат податоците забележа слаби резултати во првата половина од годината“, рече министерката за финансии.
Таа додаде дека до крајот на годината фискалната политика ќе биде насочена кон враќање на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку постепена фискална консолидација, подобрување на управувањето со јавните финансии и одржливо ниво на капитални расходи.
„Целта на овој ребаланс е и на некој начин да најавиме по која линија ќе ја водиме фискалната политика во наредниот период, да креираме буџети што ќе содржат приоритети кои ќе имаат додадена вредност, приоритети кои ќе дадат најдобар ефект за потрошените пари на граѓаните, поточно политики кои ќе нѐ водат напред и кон подобро утре. Притоа да ја имаме предвид и потребата од фискална консолидација во насока на постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг“, посочи Димитриеска-Кочоска.
Со ребалансот вкупните приходи се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари или за 2,6% повисоко, односно за околу 8 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година. Вкупните расходи се планирани на ниво од 362,8 милијарди денари или за 5,6% повисоко, односно за околу 19,2 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година. Врз основа на ревидираните проекции на приходи и расходи, дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари, односно од иницијално планираните 3,4% на 4,9% од БДП.
Со ребалансот се обезбедени дополнителни 4,2 милијарди денари за исплата на плати, 5,1 милијарда денари за исплата на пензии, 800 милиони денари за исплата на правото на гарантирана минимална помош, 1,7 милијарди денари за здравствена заштита, 1 милијарда денари за ТИРЗ, 1,7 милијарди денари за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор, 437 милиони денари за исплата на студентски оброк, 207 милиони денари за исплата на стипендии, 300 милионии денари за блок дотации, дополнителни 0,8 милијарди денари за исплата на камати кон домашни и меѓународни кредитори, 5,1 милијарда денари за исплата на гаранции, кои претпријатијата треба сукцесивно да ги вратат и уплатат во Буџетот на државата до крајот на 2024 година.
Исто така, со ребалансот се обезбедени 6 милијарди денари за локални инфраструктурни проекти, како и капитални расходи во висина од 44,7 милијарди денари коишто се наменети за инвестиции во реконструкции и модернизација на јавните здравствени установи, потоа капитални инвестиции во областа на образованието, детската и социјалната заштита, во областа на патната, железничката и комуналната инфраструктура, за исполнување на договорите во областа на одбраната и безбедноста, како и за рурален развој.
Со ребалансот на Буџетот економскиот раст е ревидиран на 2,1% од претходно проектираниот 3,4%, додека стапката на инфлација е проектирана на 3,5%.
Расправата по дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2024 година на пленарна седница трае најмногу три дена.