Вести|

11 август 2024, Скопје – Со ребалансот на Буџетот направивме напори, во еден краток период и во услови коишто ги наследивме, да го направиме најдоброто. Обезбедивме пари за сите обврски што се утврдени согласно закон и тие ќе се сервисираат. Големиот притисок што се прави врз Буџетот доаѓа од исплатата на гаранциите, односно кредитите за одредени јавни претпријатија коишто не се во состојба да ги вратат. Ова го потенцира министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостувањето во централниот Дневник на МРТ.

„Во ребалансот е испланирано да се исплати сѐ она што е утврдено согласно закон и согласно законските измени. Предвидени се средства и за доспеаните обврски, коишто иако биле доспеани тие воопшто не биле евидентирани во системот ЕСПЕО на Министерството за финансии. Притоа, даваме приоритет на сервисирањето на она што е сигурно за плаќање согласно закон. На дел од доспеаните обврски се прави ревизија, по што ќе се направат исплати согласно утврдените анализи. Во фаза сме кога може да трошиме онолку колку што ќе наплатиме со цел да не креираме дополнителен буџетски дефицит, којшто е веќе зголемен за 181 милион евра,“ рече министерката.

Таа додаде дека сериозна тежина претставуваат исплатите на гаранциите што влијае врз реализацијата на инвестициите.

„Станува збор за сериозна тежина којашто се прави врз Буџетот, а таа произлегува од исплатата на гаранциите, затоа што поради корупција и криминал некои претпријатија се уништени и сето тоа паѓа на товар на државата. И наместо да обезбедиме 100 милиони евра за инвестиции во здравството, образованието и сл., ние враќаме гаранции, односно кредити на јавните претпријатија коишто не се во состојба да ги вратат. На пример, само за ЈПДП годинава сервисираме 90 милиони евра. Ако до минатата година ова претпријатие било во состојба да плати една рата во годината, сега не може да сервисира ниту една“, потенцира Димитриеска-Кочоска и додаде дека тоа се случува во момент кога Буџетот е во тешка состојба, а државата како крајна инстанца мора да обезбеди пари за враќање на кредитите.

За најавеното линеарно зголемување на пензиите, таа смета дека тоа е нешто што го заслужуваат пензионерите. „Ако на некој со пензија од 13.000 денари му додадете 5.000 денари, значи му давате пари за да преживее, имајќи ги предвид зголемените трошоци. Ние само ја менуваме методологијата со која се фокусираме на оние што имаат пониски пензии во насока да добијат поголем износ и со тоа да се намали јазот со повисоките пензии“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

Билатералниот заем од Унгарија не прави дополнителен притисок врз Буџетот, бидејќи, како што вели, износот од 500 милиони евра е предвиден од претходната Влада „Она што го правиме ние е обезбедување поевтини пари. Односно доколку отидевме со издавање еврообврзница, ќе добиевме средства со камата од над 6%, а овој заем е со камата од 3,25%“ рече министерката.

Во интервјуто истакна дека јавниот долг може да биде одржлив преку справување со неформалната економоија и дека важен аспект е и на кој начин се трошат парите што се позајмуваат, односно дали тие се трошат за инвестиции. „Ако се трошат за инвестиции коишто ќе додадат вредност во целокупната економија, тогаш во еден момент јавниот долг може да биде поголем. Суштината е каде завршуваат парите. Во минатото завршуваа во потрошувачка и затоа немавме раст на БДП. Имаме многу ниско ниво на бруто-инвестиции и сето тоа нѐ доведува до лоша економска состојба“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *