Вести|

12 август 2024, Скопје – Собранието денеска го усвои дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2024 година. Со ребалансот вкупните приходи се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари или за 2,6% повисоко, односно за околу 8 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година. Вкупните расходи се планирани на ниво од 362,8 милијарди денари или за 5,6% повисоко, односно за околу 19,2 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2024 година, додека, пак, врз основа на ревидираните проекции на приходите и расходите, дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари, односно од иницијално планираните 3,4% на 4,9% од БДП.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во експозето по дополнетиот ребаланс истакна дека тој претставува обид на новата Влада да обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината,  со истовремено обезбедување нормално функционирање на институциите и реализација на проектите што имаат соодветна динамика.

„Со предложениот ребаланс ги исправаме пропустите направени со иницијалниот Буџет, како што се недоволно испланирани средства за права коишто се законски предвидени, средства за сервисирање на доспеаните обврски и средства за поддршка на економијата. Тоа значи да обезбедиме редовна исплата на плати, кои ќе бидат усогласени во септември, согласно закон, да обезбедиме редовна исплата на пензиите и да го реализираме нашето изборно ветување за линеарно зголемување на пензиите во септември, да ги исплатиме доспеаните обврски и да не ги одложуваме, затоа што тоа го бара економијата, во која покрај најавениот поволен кредит за реализација на инвестиции ќе се вбризгаат и дополнителни 6 милијарди денари преку нивно ангажирање во реализацијата на проектите на локално ниво. Тоа се факторите со кои сакаме да ја поддржиме економијата, која, како што покажуваат податоците, забележа слаби резултати во првата половина од годината“, рече министерката за финансии.

Според неа, ребалансот не ги отсликува во целост политиките на новата Влада, туку претставува најоптимален начин да се надоместат пропустите и на некој начин најавува по која линија ќе се води фискалната политика во наредниот период.

Ребалансот обезбедува дополнителни 4,2 милијарди денари за исплата на плати, 5,1 милијарда денари за исплата на пензии, 800 милиони денари за исплата на правото на гарантирана минимална помош, 1,7 милијарди денари за здравствена заштита, 1 милијарда денари за ТИРЗ, 1,7 милијарди денари за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор, 437 милиони денари за исплата на студентски оброк, 207 милиони денари за исплата на стипендии, 300 милионии денари за блок дотации, дополнителни 0,8 милијарди денари за исплата на камати кон домашни и меѓународни кредитори, 5,1 милијарда денари за исплата на гаранции, кои претпријатијата треба сукцесивно да ги вратат и уплатат во Буџетот на државата до крајот на 2024 година.

Исто така, ребалансот обезбедува 6 милијарди денари за локални инфраструктурни проекти, како и капитални расходи во висина од 44,7 милијарди денари коишто се наменети за инвестиции во реконструкции и модернизација на јавните здравствени установи, потоа капитални инвестиции во областа на образованието, детската и социјалната заштита, во областа на патната, железничката и комуналната инфраструктура, за исполнување на договорите во областа на одбраната и безбедноста, како и за рурален развој.

Со ребалансот на Буџетот економскиот раст е ревидиран на 2,1% од претходно проектираниот 3,4%, додека стапката на инфлација е проектирана на 3,5%.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *