4 октомври 2024, Скопје – „Реформата на даночната политика – клучен двигател за постигнување на Целите за одржлив развој и националните приоритети во согласност со Националната стратегија за развој“ беше тема на работилницата што се одржа денес во Скопје во организација на УНДП во соработка со Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Генералниот секретаријат, како и со Регионалниот хаб на УНДП во Истанбул, УНДП во Европа и Централна Азија.
„Денеска ја разгледуваме клучната улога на даночната политика во контекст на одржливиот развој и имплементацијата на националната стратегија за развој. Нашата цел е да ја зајакнеме економската отпорност и да создадеме услови за иновации и одржливост преку структурни промени во даночниот систем“, рече во своето обраќање заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.
Тој додаде дека е потребно да се интегрираат принципите на одржлив развој во нашата даночна политика, што ќе овозможи финансирање проекти коишто се во согласност со Целите за одржлив развој (SDGs). Иницијативите како TAX4SDGS и TAXANDS ќе помогнат во мобилизацијата на ресурси, притоa поттикнувајќи инвестиции во зелени технологии и социјални програми.
„Со соработка меѓу сите заинтересирани страни ќе работиме на создавање инклузивен и праведен даночен систем, кој ќе ги поддржи нашите приоритети и ќе придонесе за економски раст и социјална правда“, истакна Јанкуловски.