Вести|

7 октомври 2024, Скопје – Министерството за финансии е длабоко свесно за потребата од преземање активности во справување со климатските промени и затоа е преземена иницијатива за интеграција на трошоците поврзани со климатски промени во идните буџетски рамки. Ова го најави заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски кој учествуваше на панел-дискусијата во организација на Канцеларијата на Светската банка во земјава, на која беа презентирани Извештајот за климатски промени и развој на земјата и Прегледот за јавни финансии за климатските промени во Северна Македонија.

„Министерството за финансии е длабоко свесно за огромните трошоци поврзани со справувањето со климатските промени, особено во контекст на декарбонизацијата и зајакнувањето на отпорноста на земјата на идните климатски удари. Овие трошоци, како што покажуваат повеќето релевантни анализи, најголем дел ќе се однесуваат на енергетскиот сектор, кој се смета за клучен во процесот на премин кон поодржлива економија и намалување на емисиите на стакленички гасови. Како што беше истакнато во денешните презентации, иако овие инвестиции се значајни, цената на непреземање никаква акција е уште поголема. Неодамнешната појава на климатски катастрофи, како летните шумски пожари и поплави, ја илустрира итноста од преземање  активности во оваа насока“, истакна Јанкуловски.

Тој појасни дека во рамките на Прегледот за јавни финансии за климатските промени, развиенa е алатка за идентификување, следење и управување со јавните трошоци наменети за климатските активности (Climate Budget Tagging – CBT). Според анализите, како што рече, ова е клучен чекор за подобрување на транспарентноста и отчетноста при распределбата на средствата наменети за справување со климатските предизвици.

„Во оваа фаза, и покрај тоа што е развиена алатка, нејзината практична имплементација е сè уште во рана фаза. Една од препораките на Светската банка е алатката да се усогласи со зелената таксономија, со цел појасно дефинирање и категоризирање на трошоците поврзани со климатски промени и нивно вклучување во буџетските процеси на национално и локално ниво. На пример, албанскиот пристап, каде што трошоците поврзани со климатските промени се интегрираат во националното буџетско планирање и развојни програми, може да послужи како пример за Македонија“, рече заменик-министерот.

За спроведување на алатката ќе биде потребна значителна меѓуресорска координација, особено помеѓу Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за економија, Министерството за транспорт и врски и другите релевантни институции, кои ќе треба да ги интегрираат климатските цели во своите стратегии и буџетски програми.

Извештајот за климатски промени и развој на земјата и Прегледот за јавни финансии за климатските промени во Северна Македонија ги презентираа директорот на Канцеларијата на Светската банка за Косово и РС Македонија, Масимилиано Паолучи, вишиот економист Сања Маџаревиќ-Шујстер, вишиот специјалист за енергетика Редон Беголи и вишиот урбан економист при Светската банка Мега Муким.

На настанот присуствуваа вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини Мирослав Лабудовиќ, постојаниот претставник на УНДП во земјава Армен Григоријан и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *