8 октомври 2024, Скопје – Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска престојува во работна посета на Република Унгарија, каде што во име на Владата ќе го потпише Договорот за заем од унгарската Експорт-импорт банка.
Станува збор за најавениот заем во износ од 500 милиони евра со поволни услови, 15 години рок на отплата, со вклучени три години грејс период и каматна стапка од 3,25%. Средствата од заемот ќе се користат за поддршка на проекти за локален регионален развој, коишто ќе се реализираат преку општините, како и за поддршка на економијата, односно заеми за компаниите.
Потпишувањето на договорот со унгарската Експорт-импорт банка е во согласност со усвоениот Закон за задолжување на РС Македонија со заем кај унгарската Експорт – импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност, по Договор за заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели, а се реализира како дел од планираното надворешно задолжување со Буџетот за 2024 година.
Средствата од заемот треба да бидат префрлени во земјава до крајот на неделата.