17 октомври 2024, Скопје – Процедурата за префрлање на средствата од заемот од унгарската Експорт-импорт банка е завршена и денеска се очекува да легнат на сметката на Народната банка, а веќе утре да се трансферираат во Буџетот. Ова го најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостувањето на ТВ Алфа.
„Секторот од МФ ме информираше дека сѐ е подготвено и очекувам средствата да бидат префрлени на сметката во Народната банка, а потоа ќе бидат насочени кон општините и компаниите. Проектите на општините кои ќе бидат финансирани од средствата се веќе избрани. Износот што го побараа општините за реализација на нивните проекти беше поголем, при што важно беше тие да бидат во завршна фаза за да може да придонесат и кон економскиот развој“, рече министерката.
Во однос на оној дел од заемот којшто е планиран за приватните компании, соопшти дека во петок ќе има средба со Македонската банкарска асоцијација на која ќе се разговара за распределба на средствата кон компаниите, кои ќе бидат распределени по завршување на постапката за нивно префрлање во Развојната банка.
Министерката најави дека веќе е започната процедурата за повлекување и на втората транша од заемот од Унгарија, а тие средства ќе се искористат за отплата на еврообврзницата која доспева во јанаури 2025 година.
Во интервјуто таа се осврна и на Предлог-буџетот за 2025 година, истакнувајќи дека фокусот ќе биде ставен на фискалната консолидација, поточно зголемување на приходите и намалување на расходите. Следната година, како што посочи, буџетскиот дефицит е планиран на 4%, а потоа да се намали на 3,5% и во 2027 година да достигне 3%.
Посочи дека она што беше главна определба или ветување на Владата е предвидено со Буџетот за 2025 година, а тоа е пораст на пензиите за 2.500 денари, средства за образовниот сектор, потоа 250 милиони евра за проекти во општините, средства за инфраструктурни проекти, за коридорите 8 и 10д и сл.
Се осврна и на резултатите од работењето на Управата за јавни приходи и на Царинската управа и притоа напомена дека повратот на ДДВ кон компаниите се врши континуирано, па така во септември е извршен поврат во износ од 2,250 милијарди денари, во август 2,116 милијарди денари и во јули 1,740 милијарди денари.