Вести|

21 октомври 2024, Скопје – Бруто-инвестициите се очекува да имаат главна улога во придвижувањето на економската активност и во нејзино постепено интензивирање на среден рок. Ова го истакна заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во интервју за Блумберг Адриа.

„Според новата Фискална стратегија 2025 – 2029 година, бруто-инвестициите ќе бидат главен двигател на економскиот раст. Во овој период, се очекува инвестициите да растат со просечна стапка од 7,8%. Притоа двигател на бруто-инвестициите ќе биде високото ниво на предвидени капитални инвестиции во Буџетот, и тоа од 4,7% во просек, наспроти нивото од околу 3% колку што изнесуваше во претходниот период. Особено влијание се очекува од инвестиции во квалитетни инфраструктурни проекти кои ќе придонесат за зголемување на конкурентноста и развојот на деловните субјекти, а воедно и за привлекување нови странски инвестиции“, рече Јанкуловски.

Потенцира дека Министерството за финансии вложува максимални напори за подобрување на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност што ќе се оствари преку постепена фискална консолидација, подобрување на управувањето на јавните финансии и одржување високо ниво на капитални расходи.

Во однос на даночната политика, посочи дека останува политиката на ниски даночни стапки и дека нема да има зголемување на даноците.

„Владата ќе води дисциплинирана фискална политика којашто ќе се заснова на  намалување на сивата економија, неселективна и редовна наплата на средствата во Буџетот и, секако, фискална консолидација. Ако сакаме реални капитални инвестиции, дела во економијата, даночни ослободувања, субвенции и намалување на јавниот долг, оваа Фискална стратегија ќе мора да ја почитуваат сите буџетски корисници“, истакна заменик-министерот.

Тој додаде дека како резултат на постепената фискална консолидација, во 2025 година се очекува јавниот долг да забележи умерен пад.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *