22 октомври 2024, Скопје – Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од денеска до 26 октомври ќе престојува во Вашингтон, САД, каде што ќе учествува на редовните Годишни средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. За време на престојот таа ќе се сретне со високи претставници на овие две меѓународни финансиски институции и на Трезорот на САД, а ќе оствари билатерални средби и со свои колеги.
Во рамки на Годишните состаноци, министерката Димитриеска-Кочоска ќе се сретне со директорот на ММФ за Европа Алфред Камер, извршниот директор на ММФ Пол Хилберс, алтернативниот извршен директор Лук Дресе, како и со Жероен Клик, кој треба да ја преземе функцијата извршен директор и Марникс ван Рај, кој ќе биде алтернативен извршен директор во ММФ. На средбите ќе присуствува и Анет Кјоб, шеф на Мисијата на ММФ за РС Македонија. На состаноците ќе бидат истакнати преземените чекори во насока на стабилизирање на јавните финансии, како и плановите за фискална консолидација и обезбедување економски раст.
Со високи претставници на Групацијата на Светската банка ќе стане збор за продолжување на континуираната соработка и поддршката што ја добива земјата во изминатите години. Средби се планирани со потпретседателката на Светската банка Антонела Басани, извршниот директор на Светската банка Јуџин Ругенат, како и со директорката на Светската банка за Западен Балкан Шиаочин Ју.
За време на престојот предвидени се и средби на министерката со Алфонсо Гарсија Мора, регионален заменик-претседател во Меѓународната финансиска корпорација – ИФЦ, потоа со претставници на Трезорот на САД, при што ќе биде потврдена поддршката што ја добива Министерството за финансии во реализацијата на своите програмски определби, како и со претставници на финансиски институции со кои земјава има соработка во процесот на издавање еврообврзници.
За време на работниот престој во Вашингтон, министерката Димитриеска-Кочоска ќе реализира средба со македонската дијаспора во САД, на која ќе има можност да поразговара за начинот на кој тие живеат и делуваат во американското општество, како и за политиките што ги спроведува новата Влада, а кои се насочени кон зајакнување на врските со иселениците.
На годинашните редовни средби, на кои министерката за финансии учествува заедно со гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, ќе се дискутира за светската економска перспектива, глобалната финансиска стабилност, стимулирањето на економскиот раст, влијанието на климатските промени, како и за економските предизвици.
Годишните средби на ММФ и Светската банка се одржуваат секоја година во октомври и отвораат можност за дијалог за актуелни теми во глобални рамки помеѓу министри за финансии, гувернери, претставници на бизнис-заедницата и на граѓанскиот сектор, академици и сл.