Вести|

24 октомври 2024, Скопје – Техничката поддршка од Трезорот на САД е добредојдена и корисна во унапредувањето на управувањето со јавните финансии. Со експерти од Трезорот на САД се работи во повеќе сектори во Министерството за финансии, Царинската управа и Управата за јавни приходи, а соработката се темели врз основа на потпишан Договор помеѓу МФ и Канцеларијата за техничка помош на Трезорот на САД. Ова беше констатирано на средбата на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со Лијен Тран заменик-помошник секретар за техничка помош во Трезорот на САД, Ребека Горин од Канцеларијата за Европа и со помошници директори коишто се инволвирани во активностите во земјава.

„Постоечкиот систем на планирање на Буџетот и на процесите е развиен со техничка помош од МФ на САД во периодот 2004 – 2008 година, а сега се работи на подобрување на тие процеси. Со експертите од Трезорот на САД се работи во повеќе области и во сектори во МФ. Се работи на подготовка на нацрт-верзии на клучните документи за планирање и извршување на Буџетот, коишто произлегуваат од новиот Закон за буџети, потоа на зајакнување на надзорот на небанкарскиот финансиски сектор, преку зајакнување на капацитетите на соодветниот сектор во МФ, како и на зајакнување на заштитата на потрошувачите и на финансиската писменост. Исто така, експертите работат и во делот на управувањето со јавниот долг и сл. Сето ова е особено важно за нас во насока на унапредување на процесите преку кои ќе се зголеми ефикасноста во прибирањето на приходите во Буџетот и управувањето со прибраните средства“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

Таа додаде дека со Договорот се опфатени и се спроведуваат активности и во Управата за јавни приходи и Царинската управа, каде што се работи на зајакнување на капацитетите, дигитализација на процесите, сајбер безбедност и борба со криминалот.

На средбата министерката изрази благодарност за поддршката што ѝ ја дава САД на земјата, при што беше изразен интерес соработката на експертско ниво и техничката поддршка да продолжи и во наредниот период со цел натамошно зајакнување на целокупниот систем на јавните финансии.

Оваа средба се оствари за време на работната посета на САД, каде што министерката за финансии учествува на Годишните средби на ММФ и Светската банка, а дополнително ќе се сретне и со високи претставници на овие меѓународни финансиски институции.

                                                                 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *