25 октомври 2024, Скопје – Подобрување и одржување на макроекономската стабилност, поддршка на економската активност и забрзување на економскиот раст се главни цели на фискалната политика што ќе ја води новата Влада. Процесот на стабилизирање веќе е започнат со усвоениот ребаланс на Буџетот за 2024 година и ќе продолжи со дисциплинирано буџетско трошење, постепена фискална консолидација, намалување на буџетскиот дефицит и на јавниот долг, со истовремено зголемена ефикасност во наплатата на приходите. Ова беше констатирано на средбите на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс и алтернативниот извршен директор, Лук Дресе, како и со Жероен Клик, којшто ќе ја преземе функцијата извршен директор на ММФ и Марникс ван Рај, којштo треба да ја преземе функцијата алтернативен извршен директор.
„По преземањето на власта, во текот на јули подготвивме ребаланс на Буџетот за 2024 година со цел да обезбедиме стабилизирање на јавните финансии и отплата на обврските кои беа пропишани со закони и на доспеаните обврски. Фискалната консолидација е процес кој веќе се практикува и во ребалансот преку кратење на непродуктивните трошења. Тој процес на дисциплинирано буџетско трошење ќе продолжи и во наредниот период, што ќе се одрази на намалување на буџетскиот дефицит и на јавниот долг. Од друга страна, пак, ќе се подобрува приходната страна на Буџетот преку зголемување на ефикасноста во наплатата, особено во делот на неформалната економија“, рече министерката за финансии.
Таа посочи дека на ваков начин постепено ќе се постигнат фискалните правила за нивото на буџетскиот дефицит до 3% од БДП и на јавниот долг до 60% од БДП. „Усвоена е Фискалната стратегија и исцртана е траекторијата по која ќе се движи буџетскиот дефицит, како и Стратегијата за управување со јавен долг со коа, исто така, се обезбедува остварување на напорите на Министерството за финансии за прудентно управување со јавниот долг и достигнување ниво под 60% до 2029 година. Во тие рамки, во завршна фаза е и Буџетот за 2025 година со кој се очекува намалување на буџетскиот дефицит во споредба со ребалансот од оваа година и тој ќе биде на ниво не повеќе од 4% од БДП“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Таа напомена дека покрај на фискалната консолидација, Владата става силен фокус и на заживување на економијата и дека во таа насока ќе се имплементира сосем нов концепт кој се заснова на инвестиции. Тоа ќе биде поддржано преку инвестиции во инфраструктурни проекти, редизајнирање на структурата на јавните финансии што ќе значи одржување на високо ниво на капитални расходи и зајакнување на транспарентноста и отчетноста. Дополнително, како што рече, економската активност ќе биде поддржана и од приватниот сектор преку реализација на еден нов инвестициски циклус во износ од над 500 милиони евра.
Исто така, посочи, важна улога ќе има и даночната реформа којашто се заснова на зајакнување на наплатата на приходите, пред сѐ преку намалување на неформалната економија, што покрај поголема ефикасност во прибирањето на приходите, ќе создаде и рамноправни услови за работа на компаниите и нивна поголема конкурентност.
На средбата беше истакнато дека во рализација на планираните реформи значајна улога ќе одигра примената на новиот Закон за буџети, подзаконските акти на кои се работи во моменот, чија цел е имплементација на најдобрите практики во планирањето и извршувањето на Буџетот. Исто така, позитивно влијание се очекува и од дигитализацијата на процесите.
За планираните реформи ќе се добие поддршка и од најавениот План за раст на Западен Балкан на ЕУ за што до крајот на годината се очекува првата транша којашто ќе изнесува 7% од вкупната сума во износ од околу 750 милиони евра. Во изминатиот период беа преземени и одредени реформски активности кои беа имплементирани во согласност со Линијата за ликвидност и претпазливост на ММФ – ПЛЛ, а кои беа насочени кон одржување здрави макроекономски политики.
Во Вашингтон министерката Димитриеска-Кочоска заедно со гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска ќе остварат средби и со високи претставници на Светската банка. Министерката и гувернерката од 21 до 26 октомври учествуваат на редовните Годишни средби на ММФ и СБ во Вашингтон.