Вести|

28 октомври 2024, Скопје – Буџетот за 2025 година ќе биде развоен, но нема да биде занемарена и социјалната компонента. Капиталните расходи ќе бидат проектирани на ниво над 44 милијарди денари, а проекциите за буџетскиот дефицит и растот на БДП се поставени со Фискалната стратегија. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостувањето во Дневникот на МРТ.

„Станува збор за развоен буџет, затоа што иднината на држвата е во таа насока, односно со поголем развој ќе има подобар живот за сите. Социјалата не може да се исклучи комплетно. Предвидена е поголема контрола, но ако сакаме да ја намалиме треба и да преземеме нешто. Затоа планирани се мерки за преквалификација на примателите на социјална помош, со цел да почнат со работа. Исто така, поголем фокус ќе се стави на дигитализација на процесите во Министерството за социјална политика, демографија и млади“, рече министерката.

Таа додаде дека дел од проекциите што ќе бидат пренесени во Буџетот за 2025 година беа презентирани со усвојувањето на Фискалната стратегија, односно 4% буџетски дефицит и 3,7% проценти раст на БДП.

„Сѐ што е предвидено во рамки на Буџетот ќе биде и реализирано. Капиталните расходи се планирани некаде над 44 милијарди денари, што во овие услови претставува одлично ниво. Притоа, за разлика од претходно, ќе се фокусираме на квалитетни проекти, како што се општинските, за кои се потпишаа договори. Нема да отстапиме од реализацијата на проектираниот економски раст, бидејќи нашиот фокус е на поддршка на инвестиции. А кога зборуваме за инвестиции зборуваме за вистинска реализација на инвестиции. Тоа го потврдив и на состаноците во Вашингтон со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка“, истакна министерката и додаде дека се очекува поголема активност кај проектите поврзани со коридорите 8 и 10д, коишто ќе се реализираат подолг период од првично планираното за 4 години, што, како што рече, било поздравено и од страна на ММФ.

Посочи дека раст на платите ќе има во образованието и здравството, а во однос на минималната плата наведе дека таа треба да биде врзана со продуктивноста.

Во однос на јавниот долг рече дека тој најверојатно ќе изнесува 64%, но дека тоа ќе зависи од реализацијата на крајот на годината, односно од обврските што ќе достасаат за исплата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *