29 октомври 2024, Скопје – Владата на денешната седница го усвои Предлог-буџетот за 2025 година, кој носи стабилизација на јавните финансии и економски раст, со истовремена фискална консолидација.
„Обезбедивме повеќе пари за капитални расходи и развој, средства за навременa исплата и покачување на пензиите и за повисоки плати во образованието“, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на прес-конференцијата на која го претстави усвоениот Предлог-буџет за 2025 година.
„Владата на денешната седница го усвои Предлог-буџетот за 2025 година, со кој ги поставуваме темелите за стабилизација на јавните финансии и економски раст. Буџетот за 2025 година содржи политики и мерки за фискална консолидација и дисциплинирано даночно трошење, како и мерки и политики за поттикнување на економскиот раст“, рече министерката и додаде дека економскиот раст е проектиран на ниво од 3,7%, буџетскиот дефицит на 4% од БДП и инфлацијата на 2,2%.
Како што посочи, вкупните приходи во Буџетот се планирани на 358,838 милијарди денари или за 13% повеќе во однос на оваа година. Порастот на приходите се темели на поефикасната наплата и борбата со неформалната економија.
Вкупните расходи се проектирани на ниво од 400,2 милијарди денари или за 10% повеќе во однос на годинава, додека дефицитот е на ниво од 4% или 41,350 милијарди денари и номинално е понизок за 3,3 милијарди денари во однос на оваа година.
„Со еден збор креиравме Буџет којшто треба да носи вистински развој на државата. Капиталните расходи се на ниво од 50,65 милијарди денари што претставува зголемување за 13% или 6 милијарди денари во однос на ребалансот на Буџетот за оваа година. Токму на ова го темелиме развојот. Дополнително, износот на капиталните расходи е повисок од номиналниот износ на дефицитот. Она што е најважно е дека креираме решенија за да постигнеме вистинска реализација на капиталните расходи и да ја промениме состојбата од минатото. Тука ќе биде нашиот фокус и затоа ја сменивме и политиката. Политиката вели да поддржиме квалитетни проекти и проекти кои можат да се реализираат во брзо време и да дадат импут во економскиот раст“, потенцира министерката за финансии.
Таа истакна дека со Предлог-буџетот се креирани политики со кои се поддржува животниот стандард. Оттаму, за исплата на пензиите и предвиденото зголемување од 2.500 денари предвидени се 105 милијарди денари или за 15 милијарди денари повеќе од предвидените за годинава. За исплата на плати обезбедени се 48 милијарди денари во ставката за плати и 2 милијарди денари дополнително во блок дотации за зголемување на платите во образованието, потоа за поддршка на ранливите категории предвидени се 14,5 милијарди денари или 500 милиони денари повеќе, за здравствена заштита 5,2 милијрди денари повеќе или вкупно 53,4 милијарди денари.
Воедно додаде дека се намалуваат средства кај непродуктивните трошења, како што се ставките за мебел и возила.
„Состојбата сѐ уште наметнува да штедиме многу повеќе, но внимателно ќе постапуваме за да им овозможиме на институциите редовно извршување на своите надлежности и можност за испорачување квалитетни услуги кон граѓаните и бизнисот“, рече министерката.
Предлог-буџет за 2025 година ќе биде доставен на усвојување во Собранието.