Вести|

ноември 2024, Скопје – Предлог-буџетот за 2025 година, којшто денеска треба да биде доставен до Собранието, содржи нови промени во планирањето и реализацијата на капиталните расходи. Тие се планирани на 50,6 милијарди денари, средства наменети за проекти, а не за трансфери со кои се покриваат други трошоци. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната средба со новинарите.

– Со Предлог-буџетот за 2025 година проектирани се 50,6 милијарди денари за капитални инвестиции. Покрај проектите поврзани со коридорите 8 и 10д и проектите на општините, приоритет се и проектите за финансирање на енергетската ефикасност, олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, администрирање на социјалното осигурување,  модернизација на земјоделството, потоа за Регионалниот проект за цврст отпад, за подобрување на водната инфраструктура, реконструкција на казнено-поправните установи и сл. Исто така,  покрај реконструкција на студентските домови, во образованието е планирана и доизградба на училишта и спортски сали за кои се преговара“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

Споделувајќи податоци за реализацијата на капиталните инвестиции во текот на претходните години, рече дека тие не изнесувале реално повеќе од 15 милијарди денари, бидејќи трансферите се прикажувале како капитални расходи, а дополнително имало и слаба реализација на планираните проекти. Тоа, како што додаде, резултирало со ниски стапки на раст во минатото.

„Таквата политика ја менуваме и ние нашата стапка на раст ја темелиме на реални инвестиции. Во Предлог-буџетот за 2025 година тоа се менува и она што се капиталните расходи всушност се реални инвестиции. Трансфери кон ЕСМ нема. Трансфери во однос на одредени јавни претпријатија се предвидени, но во многу помал износ или пак се пренасочени на други ставки“, рече министерката.

Наведе дека со Предлог-буџетот дефицитот е планиран на ниво од 4% од БДП и дека се планирани повеќе средства за исплата на плати, пензии, здравствена заштита, социјални надоместоци и сл.

 

Таа информираше дека со деловните банки во тек се разговори за пласирање на планираните поволни средства наменети за компаниите во износ од 250 милиони евра од унгарскиот заем и дека делот за висината на камата е затворен, односно таа ќе изнесува 3,25%, а продолжуваат разговорите за утврдување на условите за рокот на отплата.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *