5 ноември 2024, Скопје – Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска се обрати на Конференцијата на високо ниво за соработка помеѓу полицијата и царината за борба против ширење на мало и лесно оружје и за криумчарење мигранти во ЈИЕ во организација на ОБСЕ, од каде што упати порака за системска борба со криминалот и корупцијата.
„Врвен приоритет во Програмата на Владата за 2024 – 2028 година е владеење на правото и борба против корупцијата, криминалот и нелегалната трговија. Приоритет е да создадеме сигурна средина за живот на граѓаните, сигурна средина за водење бизнис и еднаквост пред законите. Ние сме одлучни и силно посветени на остварувањето на тој приоритет, и тоа преку системска борба со криминалот и корупцијата. Институциите се исправени пред предизвикот и верувам дека со целата професионалност што ја поседуваат ќе одговорат на високо ниво на задачата“, рече министерката Димитриеска-Кочоска на отворањето на Конференцијата.
Во овој контекст посочи на улогата на Царинската управа, како институција којашто е под ингеренции на Министерството за финансии и којашто е клучна алка во сузбивањето на криминалот и нелегалната трговија. Притоа ги истакна позитивните резултати од работењето на Царината, како во делот на прибирање на приходите така и во откривањето случаи на нелегална трговија, како и на важноста од размена на информации помеѓу институциите.
Конференцијата се организира во рамки на Проектот за поддршка на институциите во земјава за намалување на ризикот од ширење и злоупотреба на мало и лесно оружје, а кој има за цел зајакнување на меѓународната соработка во борбата против оганизираниот и меѓународниот криминал.