Вести|

Димитриеска-Кочоска: Во Буџетот имаме суфицит, тоа резултира со помало задолжување на домашниот пазар од планираното, крајот на годината може да го завршиме со понизок дефицит

 

12 ноември 2024, Скопје – Средствата од унгарскиот заем во моментот сѐ уште се наоѓаат на сметката и не се користат. На буџетската сметка имаме суфицит, а тоа резултира со помало задолжување на домашниот пазар од планираното. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Kочоска во гостувањето во емисијата „360 степени“.

„Средствата од унгарскиот заем сѐ уште се наоѓаат на сметката и во овој момент нема потреба од нивно користење. Имаме буџетски суфицит на сметката, а тоа остава простор и за помало задолжување на домашниот пазар од планираното. Очекувам дека реализацијата на проектите ќе започне и дека до крајот на декември ќе почнат да се користат и средствата од заемот, а она што нема да се искористи ќе значи дека буџетскиот дефицит ќе се реализира во помал износ и ќе се пренесе поголемо салдо на буџетската сметка за наредната година. Имено, со ребалансот е предвидено да се пренесе салдо од 502 милиона евра“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

Таа потврди дека во недела ќе се одржи нов состанок со деловните банки преку Македонската банкарска асоцијација, на којшто се очекува конечно дефинирање на условите под кои ќе бидат понудени средствата на компаниите како крајни корисници.

„Средбите се одржуваат во континуитет преку Македонската банкарска асоцијација. Нова средба ќе имаме во недела, којашто е веќе договорена, и на неа ќе присуствува и премиерот и очекуваме конечно да ги дефинираме условите. Зборуваме за каматна стапка од 3,25%, односно тука нема да има промена. Тоа е таа каматна стапка по која е земен кредитот од унгарската Експорт-импорт банка. Имавме дискусија во однос на едно прашање, а за кое не се согласија банките, а тоа е да учествуваат на некој начин во субвенционирањето на каматите и на тој начин да покажат општествена одговорност и да се сподели таа општествена одговорност. Имено, ние не правиме нешто поразлично од претходно, бидејќи од 2011 година наваму се повлечени 650 милиони евра од различни кредитни линии, поточно средства за кои државата ја субвенционирала каматата“, рече министерката за финансии.

Таа додаде дека една од банките изразила интерес да учествува во субвенционирањето на каматата, како и интерес во однос на условите за рокот на отплата. Токму во таа насока е состанокот во недела – да се дојде до конечните услови.

„Наша цел е сите банки да учествуваат, иако во практика средствата може да се пласираат и преку една банка. Но, целта е да работиме со сите банки и на тој начин да се поедностави и постапката за клиентите, односно да го земат кредитот од банката со која работат“, рече министерката.

Укажа на моментот дека се работи на процесот за пласирање на средствата и дека се чекало да заврши постапката на префрлање на средствата на буџетската сметка, а потоа да се утврди начинот на кој ќе се префрлат до Развојната банка, од каде што  треба да бидат трансферирани до деловните банки и крајните корисници.

Во интервјуто се осврна и на средствата од унгарскиот заем наменети за општинските проекти. Истакна дека се обезбедени 250 милиони евра за општинските проекти и дека се очекува нивна реализација, со оглед на тоа што целта била да се поддржат готови проекти, кај кои реализацијата на терен би се одвивала брзо.

За следната година посочи на очекувањата за реализација на предвидените капитални проекти, како што се патните правци од коридорите 8 и 10д, за кои се одвоени 12 милијарди денари, потоа реализација на општинските проекти, како и на проектите кои се финансираат од меѓународни финансиски институции, а кај кои имало застој. Нагласи дека нема да има трансфери кон ЕСМ и дека нема да има проблеми во снабдувањето со електрична енергија, како и дека со Предлог-буџетот за 2025 година се обезбедени средства за раст на платите во образованието, здравството и во администрацијата, согласно потпишаните колективни договори.

Оваа вест е достапна и на: English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *