Вести|

16 ноември 2024, Скопје – Средствата од унгарскиот заем наменети за компаниите се многу важни и треба што поскоро да се пласираат, а постои и интерес од нивна страна. На состанок со банките во недела треба да се утврдат критериумите, а доколку не дојде до тоа, може да се разгледа и можноста за директно пласирање преку Развојната банка.

Ова го истакна заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во рамки на општата расправа по Предлог-буџетот за 2025 година во собраниската Комисија за финансирање и буџет.

„Средствата се многу битни, затоа што ќе се насочат кон производни компании, коишто ќе вложат во производство и ќе имаме додадена вредност. Тие производи ќе треба да се продадат, да влезат на пазарот, притоа ќе се зголеми бројот на вработувања и со тоа ќе се подигне и конкурентноста. Покрај тоа што ќе имаме ефикасен економски раст, ќе имаме и покачување на платите благодарение на пазарните механизми“, истакна Јанкуловски.

За тоа колкав ќе биде трошокот што ќе биде субвенциониран од државата ќе се дознае на состанокот помеѓу премиерот, надлежните институции и Македонската банкарска асоцијација. Притоа напомена дека субвенционирањето на трошоците од страна на државата било практика и во минатото.

Потенцира дека компаниите секојдневно прашуваат за овие средства, а особено се интересираат за грејс периодот од 3 години во кој ќе треба да плаќаат само камата, а не и главнината.

„Тоа многу ќе им значи. Ќе вложат во производството, ќе очекуваат резултати во првите две-три години и веќе од четвртата година ќе почнат да го враќаат целиот ануитет, главнината плус каматата. Во колкав обем ќе помогне државата и какви ќе бидат барањата на банкарите ќе видиме в недела, а паралелно ќе се види и искуството на претходната Влада. Целта е овие средства да бидат искористени во што поголем обем, а сигурен сум дека ќе бидат целосно искористени. Доколку не се постигне договор, секако дека постои можност да бидат реализирани преку Развојната банка со дополнителни човечки капцитети. Кое решение и да биде одбрано посакувам да биде решено во најбрз можен рок. Што побрзо влезат парите во стопанството, толку подобро и за државата, без разлика за кој плански регион станува збор“, рече Николоски.

Тој истакна дека и со Предлог-буџетот за 2025 година се предвидени повеќе средства за поддршка на економијата. Оттука, за привлекување странски директни инвестиции и развој на слободните економски зони и странски компании сумата од 1,4 милијарди денари се зголемува на 3,7 милијарди денари, а за финансиска поддршка на домашните компании буџетот се зголемува од 1,1 милијарда на 2,4 милијарди денари. Поддршката од државата преку Агенцијата за странски инвестиции се зголемува од 4,4 на 6,2 милијарди денари, а за активни мерки за вработување предвидени се 2,3 милијарди денари за разлика од 1,9 милијарди денари колку што беа планирани годинава.

„Ова се средства коишто говорат за посветеноста на Владата кон компаниите и поддршката и очекувањата што ги има од компаниите за идниот економски развој на Република Македонија“, посочи заменик-министерот за финансии.

Во однос на поддршката за рамномерен регионален развој наведе дека со Буџетот се обезбедува 1 милијарда евра за поддршка на општините со цел нивен непречен развој.

„Со овие средства ќе се поддржат многу проекти. Бидејќи има општини кои немаат водоводи и канализации, при првиот повик за распределба на средствата од унгарскиот заем, како критериум беше земен бројот на жители. На пример, во општина Могила средствата ќе се искористат за изградба на водоводи во оние села кои досега немале. Додека не ги решиме клучните инфраструктурни проблеми не можеме да воведуваме други критериуми при распределба на средствата“, посочи Јанкуловски.

Тој додаде дека дополнително преку Бирото за рамномерен регионален развој осумте плански региони добиваат поддршка од централниот буџет и тие средства се имплементираат на начин како што ќе се договорат градоначалниците во тие плански региони.

„Станува збор за еден огромен инпут, којшто се дава на општините за да се подобри секојдневниот живот на граѓаните“, потенцира Јанкуловски.

Комисиската расправата по Предлог-буџетот за 2025 година започна на 14 ноември и може да трае до 10 работни дена.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *