17 ноември 2024, Скопје – Министерката Гордана Димитриеска-Кочоска и премиерот Христијан Мицкоски денеска во Министерството за финансии одржаа состанок со Македонската банкарска асоцијација, на кој стана збор за пласманот на средствата коишто се дел од заемот од унгарската Влада наменет за приватниот сектор.
„Би го поделил состанокот во три дела. Првиот дел е оној којшто се однесуваше на рочноста, времетраењето и сл. Вториот дел е желбата да се учествува во проектот и третиот дел е поврзан со каматната стапка. Во делот на желбата дека сакаат да учествуваат како Македонска банкарска асоцијација, членките и членовите изразија желба и подготвеност да бидат дел од овој процес, тоа го слушнав од нивните претставници. Во делот на рочноста заземавме заеднички став и го прифативме, односно ќе ја користиме формулацијата до три години грејс период и до петнаесет години рок на отплата, бидејќи членките кажаа дека одделни клиенти сакаат пократок рок. Во делот на каматата ќе се преговара уште оваа недела. До крајот на следната недела очекувам да имаме некаков став поврзан со тоа прашање и на тој начин би го заокружиле сето ова, по што би започнал процесот на аплицирање и пласман на средствата до стопанството“, рече премиерот Мицкоски во изјава за медиумите.