Вести|

10 декември 2024, Скопје – Собранието попладнево го усвои Буџетот за 2025 година, којшто е развоен, со вклучена социјална компонента. Вкупните приходи се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари, при што буџетскиот дефицит е проектиран на апсолутен износ од 41,3 милијарди денари или 4% од планираниот БДП.

Образложувајќи го во Собранието, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека со Буџетот за 2025 година се најавуваат промените во политиките коишто се насочени кон остварување на планот за фискална консолидација, обезбедување фискална одржливост и поддршка на економскиот раст.

„Следната 2025 година ќе биде година на инвестиции – инвестиции коишто ќе дадат додадена вредност и инвестиции коишто ќе го откочат тркалото и ќе нѐ искачат едно скалило погоре во остварување повисоки стапки на економски раст. Тоа се инвестиции кои создаваат реални услови за градење една подобра иднина, а коишто ќе имаат и значајно позитивно влијание врз економската активност наредната година“, рече министерката.

Карактеристика на овој буџет е понискиот тренд на раст на расходите во однос на трендот на раст на приходите. Поточно, проeктираниот раст на приходите изнесува 13%, а на расходите 10% во однос на 2024 година, што, пак, придонесува за консолидација и намалување на буџетскиот дефицит за околу 3,3 милијарди денари.

За реализација на развојната компонента, со Буџетот се планирани 47,2 милијарди денари или околу 4,6% учество во БДП на годишно ниво, што ќе овозможи создавање предуслови за нов циклус на економски раст.

Со Буџетот се обезбедуваат средства за редовна исплата на плати, на пензии, кои воедно ќе бидат зголемени за 2.500 денари од март 2025 година, потоа за исплата на социјална права и за редовно сервисирање на обврските.

Според Буџетот за 2025 година, растот на економијата е проектиран на 3,7%, а инфлацијата на 2,2%.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *