Вести|

28 јануари 2025, Скопје – Двесте и педесет милиони евра од билатералниот заем со Унгарија стануваат оперативни. Владата донесе одлука за нивно ставање на располагање на македонското стопанство, односно на компаниите. Ова го соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, на денешната заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, по усвојувањето на договорите за кредитната линија за финансирање инвестиции и развој на приватните трговски друштва, кои ќе бидат пласирани преку Развојната банка, а кон крајните корисници преку деловните банки.

 

„Со денешните одлуки донесени од страна на Владата влегуваме во последната фаза од операционализацијата на средствата од унгарскиот заем наменети за компаниите. Со потпишување на договорите се отвора патот Развојната банка да ги добие средствата од Буџетот, а потоа тие да бидат пренесени во комерцијалните банки – учеснички во оваа програма, а оттаму до компаниите. Поточно, со потпишувањето на договорите, ќе започне  операционализацијата на средствата од кредитната линија за финансирање на инвестициите и развојот на приватните трговски друштва во износ од 250 милиони евра во денарска противвредност преку деловните банки“, рече министерката.

 

Таа додаде дека условите се повеќе од атрактивни, со каматна стапка од 1,95%, рок на отплата до 15 години и грејс период до 3 години.

Според министерката, ова претставува огромна можност и поттик за домашните компании да се охрабрат и да влезат во инвестиција.

„Целта беше да креираме можности за реализација на одржливи инвестиции и затоа поддршката е насочена во сите сектори за инвестиции во основни средства, при што домашните компании треба да учествуваат со 20% сопствени средства. Исклучок од оваа широко поставена поддршка се секторите производство на или трговија со алкохолни пријалаци, освен на пиво и вино, производство на или трговија со тутун, како и дејности поврзани со коцкање, казина и еквивалентни претпријатија“, истакна министерката.

Таа посочи дека задачата на Владата и на Министерството е да овозможат фер услови за сите компании, односно средствата ќе бидат доделени транспарентно и дека секоја компанија ќе има еднакви можности и исти услови за нивно користиење.

„Поддршката што ја обезбедуваме со оваа кредитна линија ќе поттикне инвестициски циклус од над 250 милиони евра, што претставува дел од нашиот нов концепт за економски раст заснован на инвестиции. На тој начин се влијае и врз подобрување на продуктивноста на компаниите – предизвик кој беше нотиран во минатиот период. Тоа е бенефитот што го очекуваме од оваа мерка за која Владата вложи навистина големи напори со цел средствата да бидат достапни за компаниите по навистина поволни услови“, порача министерката за финансии.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *