5 март 2025, Скопје – Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска смета дека растот на БДП од 3,2% проценти во четвртиот квартал од 2024 година е сигнал дека економијата почнува да се опоравува и постепено да се стабилизира.
„Економијата покажува значителни знаци на опоравување и стабилизирање – резултат на политиките што ги спроведува Владата. Потврда за тоа стигнува од објавените податоци на Државниот завод за статистика за раст на БДП од 3,2% во последниот квартал од 2024 година. Затекнавме економија која беше во стагнација, со раст на БДП од 1,2% во првиот квартал и 2,3% во вториот квартал од 2024 година. Тоа бараше итни и неодложни мерки на краток рок за да овозможиме економијата да почне да се опоравува и да се фокусираме на политики коишто ќе овозможат засилена економска активност со просечни стапки на раст од 5%“, напиша министерката за финансии на својот профил на Фејсбук.
Таа додава дека инвестициите се главна карика на концептот на оваа Влада и дека со тој концепт ќе се продолжи и во наредниот период.