6 март 2025, Скопје – Министерството за финансии денеска од централниот Буџет до Развојната банка ја префрли првата транша во износ од 10,4 милиони евра, средства наменети за поддршка на домашните компании.
Трансферот беше реализиран по доставено барање од Развојната банка за повлекување на средствата, а по одобрување на проектите од страна на деловните банки.
Имено, во Буџетот за 2025 година се планирани 250 милиони евра средства за поддршка на домашните компании со кои ќе се поттикне реализација на нов инвестициски циклус во приватниот сектор, којшто ќе влијае врз поттикнување на економската активност.
„Очекуваме компаниите да ги препознаат поволните услови што ги обезбедивме со оваа кредитна линија и планираните средства да бидат искористени во целост. Тоа ќе биде силен поттик и поддршка на домашната економија, имајќи ги предвид понеповолните услови во глобални рамки“, напиша министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на својот профил на Фејсбук.
Таа додава дека Министерството за финансии и Владата остануваат посветени партнери на бизнис-секторот.