11 март 2025, Скопје – Министерството за финансии е силно посветено на напорите за фискална консолидација, којашто е дефинирана со Фискалната стратегија за периодот 2025 – 2029 година. Во 2024 година реализиравме буџетски дефицит понизок за 2,5 милијарди денари од проектираниот со ребалансот на Буџетот, односно тој беше на ниво од 4,4% од БДП наместо проектираното ниво од 4,9%. На крајот на 2024 година јавниот долг беше понизок од проектираниот и годината ја завршивме со јавен долг на ниво од 61,9% од БДП, а веќе од јануари 2025 година, по успешно реализираната отплата на еврообврзницата издадена во 2018 година, тој е под 60% од БДП, односно 58,4% од БДП.
Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која се обрати на отворањето на Конференцијата за фискално управување на ЕУ и улогата на Фискалниот совет во организација на Фискалниот совет.
Таа додаде дека со Буџетот за 2025 година трендот на фискална консолидација продолжува и дека патоказот за постигнување фискална консолидација е Законот за буџети со кој се утврдени и фискални правила.
Притоа, министерката потсети дека во 2024 година отстапувањето од фискалните правила произлегува од недоволно обезбедени средства за обврски кои биле преземени од претходната Влада, како и од доспеани и неплатени обврски кои беа сервисирани преку ребалансот на Буџетот.
„Во 2025 година, отстапувањето од ова правило е во функција на развојот и реализација на инвестициите, како што се коридорите 8 и 10 (0,8% од БДП), локални инфаструктурни проекти (0,6% од БДП) и инвестиции во одбраната (0,5% од БДП)“, истакна министерката.
Таа потенцира дека се работи на реформите во јавните финансии, па во таа насока се донесени повеќе подзаконски акти, покрај Законот за буџети, а дека во спроведувањето на тие реформи важна улога има и Фискалниот совет, со кој е воспоставена континуирана соработка. Фискалниот совет, како независна институција, обезбедува независни и професионални анализи и мислења за макроекономските и фискалните претпоставки, фискалната стратегија, Буџетот, извештаите за реализација на Буџетот, фискалните ризици и сл. кои придонесуваат при креирањето на политиките.